Ѓорѓиев: Ќе се регулира услугата жнеење

Владата веќе консултира експерти и лица од надлежните институции за регулирање на услугата жнеење од која поединци значително заработуваат, но не ги намируваат обврските кон државата.

- Врз основа на информации во јавноста, детектиран е проблем во оваа област. Надлежните ќе го испитаат и ќе направат анализа по што Владата ќе излезе со конкретни чекори и мерки. Сега е се уште рано, информацијата е добиена вчера. Ќе се направат дополнителни испитувања и консултации со засегнатите страни за да се излезе со квалитетен резултат околу натамошните постапки. Ќе се насочиме со сиот капацитет да интервенираме и да ја регулираме оваа област, рече денеска на прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, одговорајќи на новинарско прашање.

Според информациите во некои медиуми, лицата кои вршат услуга жнеење годишно затајуваат најмалку два милиона евра, не плаќаат данок од заработеното. Во Македонија има околу 90.000 хектари со пченица и јачмен за кои комбајнерите инкасираат околу 9 милиони евра. Во оваа пресметка не се земени предвид парите заработени од балирање на сламата, жетвата на 40.000 хектари пченка, како и по 4.000 ориз и сончоглед, ниту за орање. Проценките се дека овие лица располагаат со вкупно 1.900 комбајни за кои сопствениците немаат соодветна документација.

Ѓорѓиев напомена и дека државата, ако е неопходно, ќе интервенира со пченица од Стоковните резерви за задоволување на домашните потреби.

- Поради сушниот период намален е приносот на пченицата, но поради зголемениот обем на површини насадени со лебно жито, доаѓа до балансирање на родот. Сепак, недостатокот што континуирано се јавува веќе 20 години ќе биде надоместен преку државните резерви доколку има потреба, нагласи владиниот портпарол.

Во врска со влијанието на климатските промени врз земјоделството, рече дека многу скоро се очекува тим експерти да ги изнесат проценките поединечно за секоја култура, врз основа на што натаму ќе се преземаат и соодветни мерки со цел заштита на интересите на производителите и потрошувачите.