Груевски: На 1 август почнува полнењето на ХЕЦ „Св. Петка“

На 1 август ќе почне полнењето со вода на хидроцентралата „Св. Петка“ која ќе биде со капацитет  да снабдува околу 40.000 македонски домаќинства со електрична енергија.

Ова го најави премиерот Никола Груевски во одговор на прашање по промоцијата на првите изданија од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ во НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје.

- Станува збор за еден добар капацитет на кој работевме повеќе години и кој е дел од нашите ветувања во Програмата. Веќе има добиено дозвола за пробна работа, полнењето почнува на 1 август и штом се наполни со вода почнува со производство на електрична енергија, појасни премиерот Груевски.

Во иднина, нагласи, планираме и други проекти во енергетиката.

- Во неколку помали проекти околу 100-тина милиони евра ќе се инвестираат  во наредната година, истакна премиерот Никола Груевски.