Груевски: Продолжениот рок за субвенциите е почит кон земјоделците

Владата веќе донесе одлука да им излезе во пресрет на земјоделците и да го продолжи рокот за поднесување апликации за субвенции до 30 септември годинава, изјави премиерот Никола Груевски во одговор на прашање по промоцијата на првите изданија од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ во НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје.

Причина за тоа, како што рече, биле многуте информации што поголем број земјоделци ги доставиле во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а некои и директно до премиерот, дека навреме не поднеле апликации поради тоа што биле премногу преокупирани со работа на нивните, а поголем дел  поради што немале информација дека е завршена антикризната мерка на Владата од пред две години со која им се овозможуваше  на оние кои немаат платено концесија да им се одбие од субвенциите.

- Таа антикризна мерка е заврешена, но до многумина не стигнала веста за тоа. Има една позначајна бројка на такви земјоделци, така што Владата  веќе донесе одлука да им излезе во пресрет и рокот за апликации да го продолжи од 31 јули до 30 сепртември. Земјоделците можат да бидат спокојни.  Имаат сега време до 30 септември оние кои задоцниле или имале стара информација, односно ја немале  новата информација дека веќе нема пребивање на концесија  со субвенции да аплицираат и да ги  добијат своите пари што ги заслужиле со работа, труд, многу пот и голем ангажман во земјоделството, рече премиерот Груевски.

Нагласи дека се работи за дополнителни 300 до 400 милиони денари за субвенции.

- Годинава бидејќи сметаме дека дел од змјоделците не биле  информирани им излегуваме во пресрет, но најавуваме од следната година да не сметаат на тоа дека ќе има можност за пребивање на неплатени концесии за земјиште со субвенции. Оние кои што нема да имаат платени концесии нема да добијат право за субвенции, истакна премеирот Никола Груевски.