Ѓорѓиев: Комплетна климатизација на Детската клиника во Скопје

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Владата на Република Македонија презема значајни мерки и активности за реформи и модернизација на здравствениот сектор, преку обезбедување на најсовремена медицинска опрема и апарати, мерки за поевтинување на лековите, стекнување на нови права за пациентите и серија на други мерки и активности.

Значаен сегмент од реформите се инвестициите и модернизациите во здравствената инфраструктура. Се реновираат и реконструираат болници, се градат нови капацитети и оддели, и започната е постапката за изградба на Нов клинички центар во Скопје.

На минатата седница Владата одлучи да се реализира проектот за изградба на централна климатизација и вентилација на Детската клиника во Скопје. За оваа цел се обезбедени и ќе бидат ангажирани 40 милиони денари, за што Владата донесе и одлука.

Веќе е изработен и проектот за климатизација и вентилација на Детската клиника. Со него е опфатен целиот простор од 7000 метри квадратни, и е изработен од специјален тим машински инженери.

Бидејќи постои голема веројатност во идниот период Детската клиника да се спои со други целини, проектот предвидува максимално флексибилно решение кое ќе ја обезбеди својата функција во секаква комбинација, по сите светски стандарди.
Системот е проектиран со максимална енергетска ефикасност, и во лето и во зима максимално ќе ја постигнува потребната температура без особена потреба од поддршка од дополнително греење или ладење.

Владата одлучи Министерството за здравство во месец август да распише постапка за избор на изведувач на градежни работи. По изборот на изведувач се започнува со комплетно вградување на системот за климатизација и вентилација.

Со изведбата на комплетната климатизација и вентилација, ќе се опфати комплетна промена на плафоните. Со плафоните ќе се заменат светилките, ќе се вградат стандардни болнички светилки со опална завршна плоча за заштита од прашина и инфекции. Ќе се реконструира и системот за дојава на пожар.

Вградувањето на систем за комплетна климатизација и вентилација на Детската клиника ќе биде од огромно значење за пациентите, за децата и нивните родители, и за медицинските лица кои таму работат. Значително ќе се подобрат условите за работа и за обезбедување на здравствена нега, грижа и заштита.

Владата и во идниот период ќе продолжи со мерки и активности за унапредување на системот на јавно здравство.