МНР го поздрави назначувањето на првиот Специјален претставник на ЕУ за човекови права

Министерството за надворешни работи на Република Македонија го поздрави назначувањето на првиот Специјален претставник на Европската унија за човекови права Ставрос Ламбринидис, кој е поранешен министер за надворешни работи на Грција и член на Европскиот парламент.

- Со именувањето на Специјален претставник, ЕУ испраќа силна порака за нејзината посветеност за понатамошно унапредување на човековите права и основните слободи како во Европа така и во глобални рамки. Ставрос Ламбринидис, со својот политички профил и искуство ќе даде видливост на оваа значајна политика на ЕУ, која има свој одраз во сите политики на Унијата. Ова значајно именување во рамките на Европската унија претставува признание, но и поттик за Република Грција и за регионот на Југо-источна Европа за понатамошно унапредување на човековите и малцинските права, демократијата и владеењето на правото, се вели во соопштението од МНР.

Република Македонија како земја-кандидат за членство во ЕУ, се наведува, ги споделува целите на политиката на човекови права на Унијата и соработува со нејзините земји-членки во нивната промоција на мултилатерален план.

- Кандидатурата на Република Македонија за членство во Советот за човекови права на ОН, за периодот 2014 - 2016 година претставува израз на посветеноста на Македонија за активна промоција на човековите права како темелна вредност на уставниот поредок и цел на македонската надворешна политика, се посочува во соопштението од МНР.