Ѓорѓиев: Продавници и финансиска поддршка за винскиот туризам

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Значителен фокус, и на внимание и на средства, Владата насочува кон развој на туризмот. Како резултат на владините политики и мерки, субвенциите за тур-операторите, новите туристички содржини и промоцијата на Македонија, туризмот во последниот период бележи континуирани стапки на раст.

Владата одлучи да спроведе нов проект кој ќе даде дополнителна поддршка на туризмот, но и ќе биде од директна корист за македонските компании. Идејата е добиена од стопанството, прифатена од Владата и почнува со реализација.
Владата одлучи да се формираат и кофинансираат специјализирани продавници за продажба на македонско вино во атрактивните туристички центри.

Продавниците би биле сместени на атрактивна локација во централното градско подрачје на центрите. Предлог градови за отворање на вакви продавници се: Охрид, Струга, Дојран, Крушево, Скопје, Битола, Маврово, Попова Шапка, Кожув, Гевгелија, а останува и можноста и за други локации кои во идниот период во соработка со производителите на вино би се утврдиле како приоритетни.  

Во овие продавници би се продавале македонски вина од производители и извозници на вино и други пијалаци произведени од грозје кои го поддржуваат проектот.

Владата одлучи директно финансиски да ја поддржи оваа мерка преку кофинансирање на: дел од месечната закупнина на просторот, дел од средствата за внатрешно опремување на просторот за продажба и дел од платата на определен број на вработени лица кои ќе работат во продавниците од овој вид.

Конкретните средства и детали ќе бидат предвидени во Програмата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој за 2013 година, за што Владата донесе заклучок.

Реализацијата на оваа мерка почнува на 1 август. Министерството за земјоделство ќе објави јавен повик за избор на идејно решение за изгледот на внатрешноста на овие брендирани продавници, при што ќе се води сметка тие да имаат препознатлив етно-стил, и функционалност на просторот за презентација и продажба на флаширано вино. Апелираме до сите компании и поединци да се пријават на повикот и со своите идеи и размислувања да учествуваат во градењето на овој проект.    

По изборот на идејното решение, ќе биде распишана постапка на која сите заинтересирани компании ќе може да се пријават да стопанисуваат со овие продавници. По изборот на компанијата ќе се почне со директна реализација, при што ќе се има финансиска поддршка од Владата. Поддршка би се доделувала согласно поднесена програма за работа и исполнување на условите за избор.

Со реализацијата на овој проект позитивно ќе се влијае на промоцијата на вината од домашно потекло, дополнително ќе се развива винската култура, ќе се зголеми продажбата на македонските вина, а истовремено ќе се создадат услови за промоција на домашните вина пред странските туристи кои ја посетуваат нашата држава, кои се и фокус на оваа мерка.
Придобивките од овој проект сметаме дека позитивно ќе се однесуваат на производителите на вино, на трговските компании, на туристичката понуда, а се разбира и на производителите на винско грозје.

Владата ќе продолжи со поттикнување на винскиот туризам, и преку реализацијата на проектот 100 винарии, поддршката на винариите за учество на саемски манифестации и уште низа на мерки конкретно насочени кон афирмација на македонското вино и поддршка на производителите на вино.
Овој проект е уште еден од низата на проекти кои се конципирани во соработка со претставниците на производителите, тренд кој оваа Влада го применува уште од првиот ден на своето функционирање, и ќе има директна корист и за развојот на туризмот и за македонските компании.