Груевски: Туризмот расте и ќе продолжи да расте

Во Македонија има сериозна раздвиженост во туризмот и бројот на странски туристи секојдневно расте. Ќе направиме се за да продолжи растот и во иднина, рече премеирот Груевски во одговор на прашање по промоцијата на 20 нови наслови во Читалната „1.000 книги“ во ГТЦ во Скопје. 

- Доста вложуваме во туризмот и веќе до мај месец годинава имаме за 8 отсто повеќе туристи отколу минатата која беше рекордна. Добро е што нашите „роуд шоа“ и нашите настапи пред разни странски инвеститори даваат резултат и на тој план, рече премиерот Груевски.

Доаѓањето на холандските туристи, нагласи, се реализираше по нашата средба со компанијата Туи со која имавме средба кога бевме на роуд шоу во Холандија во Хаг при што имавме детални разговори на кои уште тогаш најавија дека ќе има најмалку 13.000 туристи.

- Тие веќе за оваа година ни објавија дека ќе имаат 15.000 туристи и тоа е значајно зголемување во однос на минатата година. За наредните три години само од таа холандска агенција најавуваат најмалку по 20.000 туристи годишно, рече Груевски.

За развојот на турзимот, посочи, помага и тоа што даваме многу субвенции на туроператорите коишто носат странски туристи.

- Вложуваме и во други работи кои се важни за туристите. Се изгради нов аеродром од над 100 милиони евра во Скопје, концесија на ТАВ, во Охрид се реконструираше аеродромот, а наскоро ќе  започне и субвенционирањето на новите авионски летови што веќе ги најавивме. Тие од октомври ќе носат зголемен број на туристи, прецизира премеирот Груевски.

Доста направивме, додаде, и во делот на продажба на државни  локации за изградба на хотели и на транспарентни јавни наддавања се продадоа многу локации на кои почнаа  да се градат многу хотели, а на дел од нив изградбата ќе започне во иднина.

- Секој од идните сопственици на хотели потоа ќе се бори да донесе повеќе гости во својот хотел меѓу кои и што повеќе туристи,  како домашни, така и странски, рече Груевски и додаде дека и воиднина ќе продолжат да ја поддржуваат гранката која во минатото била многу запоставена од сите поранешни влади.

Ги потсети охриѓани дека во градот во времето на Бранко Црвенковски  скоро воопшто немаше холандски туристи.   

- Имаме сериозно потфрлање на домашните туристи годинава во Охрид. Градоначалникот на Охрид ќе мора нешто да смени, но за жал веќе нема многу време за да смени и веројатно тој ќе биде сменет. Ќе мора тој што ќе дојде на негово место да промени многу работи и да понуди многу  нови работи за да се привлечат не само странските туристи што ги носи Владата, туку да се врати и виниманито на поголем број домашни туристи, рече Груевски.