Во Москва средба на министерката Јанкулоска со нејзиниот руски колега Нургалиев

Потпишан Договорот за соработка со кој се опфатени повеќе сфери од заеднички интерес Министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска и нејзиниот домаќин, министерот за внатрешни работи на Руската Федерација Рашид Нургалиев, денескаво Москва го потпишаа “Договорот за соработка меѓу Министерството за внатрешни работи на Р. Македонија и Министерството за внатрешни работи на Руската Федерација“, што е прв билатерален договор од ваков ранг меѓу двете министерства. Министерката Јанкулоска истакна дека договорот е од особена важност за Република Македонија и дека претставува доказ за досегашната соработка но и одличнитеперспективи за натамошно продлабочување на меѓусебните односи.

Министерот Нургалиев, пак, го истакна рускиот интерес за изнаоѓање механизми за поефикасна операционализација на договорот и предложи формирање мешовити работни групи и редовни средби на највисоко ниво меѓу претставници на двете министерства. Почнувајќи од јазикот и културата, тој истакна дека двата народа и двете земји ги поврзуваат многу фактори и дека Русија ќе остане сериозен партнер на Република Македонија Јанкулоска му заблагодари за подршката која и досега Руската Федерација ја даваше во борбата за зачувување на уставното име на нашата држава, прашање кое е од најголем интерес за Република Македонија. Двајцата министри се согласија дека без разлика на големината, во 21 век сите земји се соочени пред истите предизвици и закани од глобалниот тероризам и екстремизам, недозволената трговија со наркотици, луѓе и оружје, но и новите форми на компјутерски криминал кои не познаваат граници.

Размената на искуства и оперативни информации меѓу двете министерства, споредЈанкулоска и Нургалиев ќе придонесат за поефикасно справување со овие закани.Министерката Јанкулоска, исто така, ја изрази заложбата за натамошно олеснување на режимот на патување на граѓаните на двете земји и укинување на визите што би значело и подобра размена на стоки, услуги и знаења. На покана на министерот Нургалиев, Јанкулоска попладнево ке го посети 15-от јубилеен саем на опрема од областа на безбедноста во Москва на кој своите производи ги изложуваат над 400 руски и 25 меѓународни компании од 12 земји. Инаку, Согласно договорот, кој стапува на сила од денот на неговото потпишување, двете министерства ќе соработуваат во спречувањето, идентификацијата, сузбивањето и откривањето на кривични дела, вклучувајќи ги и оние кои се извршени од организирана група, пред сè во областите на: насилен криминал против човечкиот живот, слобода и достоинството; акти на тероризам и финансирање на тероризам; екстремистички активности; кривични дела против имотот; корупција; економски криминал, вклучително и легализирање на имотот стекнат по пат на вршење на кривични дела; трговија со луѓе, особено со жени и деца, проституција и други форми на сексуална експлоатација, како и незаконска трговија со човечки органи и ткива; недозволена трговија со оружје; недоволена трговија со наркотици; производство и трговија на фалсификувани банкноти, документи, хартии од вредност како и кредитни и дебитни картички и други средства за плаќање; кривични дела поврзани со прекршување на правата на интелектуалната сопственост; кривични дела поврзани со кражба и криумчарење на културни, историски, научни и уметнички вредности; кривични дела во областа на информатичките технологии; кривични дела од областа на илегалната миграција; сексуална експлоатација на деца и производство и продажба на материјали и предмети кои содржат порнографски слики од малолетни лица.

За имплементација на овој Договор, двете министерства ќе се обврзат на: размена на информации од интерес кои се однесуваат на кривични дела кои се во подготовка или кои се веќе извршени; извршување на барањата за спроведување на оперативни мерки и мерки за потрага; трагање по лица кои го избегнуваат кривичниот прогон или отслужувањето на казната, како и трагање по лица кои се пријавени за исчезнати; размена на информации за новите наркотични дроги и психотропни супстанции кои што се појавиле во недозволена трговија; како и размена на работни искуства. Руското министерство за внатрешни работи на својот официјален веб сајт, исто така, подробно известува за билатералната средба меѓу министерката Гордана Јанкулоска и нејзиниот руски колега Рашид Нургалиев, како и околу денес потпишаниот договор за меѓусебна соработка.

Категорија: