Промовирани прирачници за полесно преструктуирање на македонското земјоделство кон европскиот пазар

Четири прирачници, за пазарни стандарди за свежи домат и пиперка, за стандарди за квалитет при откуп на зеленчук за преработка, за агроеколошки мерки и за форми на здружување на земјоделците, се промовирани денеска пред производителите и останатите субјекти вклучени во секторот производство и преработка на зеленчук.

Прирачниците имаат за цел да ги прошират основните информации и барања за воведување на агроеколошките мерки и поддршката за нивна имплементација, минималните пазарни стандарди за зеленчук, како и поддршката за формирање земјоделски задруги и други групи организации на производители.

- Дефинираните стандарди во овие четири брошури за производителите се одличен совет и насока како да го прилагодат производството кон потребите на пазарот, првенствено преку презентираната платформа за промовирање на здружувањето во задруги, групи или огранизации на производители за многу побрзо и полесно да го променат производството и комплетно пазарно да го ориентираат кон она што го бара пазарот за свежа консумација, но и индустријата, рече ресорниот министер Љупчо Димовски на промоцијата.

Според него, особено ќе биде корисно секој земјоделец да ги добие овие мали книшки со многу совети и да ги користи во своите секојдневни активности со цел поуспешно воведување на одржливите и поконкурентните производни практики.

Прирачникот за агроеколошките мерки, додаде министерот, ќе даде нов импулс во процесот на приближување на македонскиот агро комплекс кон барањата и стандардите на Зедничката земјоделска политика на ЕУ која се однесува на заштитата на животната средина и биодиверзитетот.

- Овие принципи се однесуваат на подигнувањето на свеста на производителите за потребата од избегнување производни мерки кои можат да имаат негативен ефект врз околината. Веруваме дека за кусо време нашите земјоделци ќе ги совладаат техниките за производство и ќе ги имплементираат високите стандарди за квалитет кои ги диктира Европа бидејќи тоа се условите за развој на целокупниот земјоделски сектор, нагласи Димовски.

За земјоделците издавањето литература од ваков тип, која обработува пазарни стандарди, агроеколошки мерки и форми на здружување, е секогаш добредојдена. Во иднина, како што рекоа, треба уште повеќе да се работи на ова поле. Многу е важно информацијата за потребното приспособување кон законската земјоделска регулатива на ЕУ да стигне до македонскиот фармер, како и да се работи на оние земјоделски производи што се стратегиски и препознатливи.

- Првпат аграрот во државата добива нов изглед и стана интересна гранка за инвестирање. Се хармонизираат многу закони, се ажурира катастарот, но најголема предност е што се препозна вредноста на македонскиот земјоделец и неговите компаративни предности. Со инвестирањето преку субвенциите, Програмата за рурален развој и ИПАРД се додаде вредност на македонскиот аграр која ќе биде уште поголема со натамошна едукација и публикување нова стручна литература, посочи претседателот на Федерацијата на фармери Андрија Секуловски.

Пиперот и доматите опфаќаат 28 отсто од вкупните градинарски површини во Македонија, 51.000 хектари. Во последните три години со пипер се засеани 8.459 хектари од кои се добиваат 159.000 тони или 19.000 килограми по единица површина, додека со домати се засеани 6.000 хектари од кои се добиваат 160.000 тони или 28.000 килограми по единица површина.

Брошурите ги изготвија консултантската компанија МЦГ и секторите во Министерството за земјоделство во соработка со АгБиз проектот, финансиран од УСАИД. На прирачниците им претходеа обуки за фармерите кои производството на зеленчук треба да го приспособат кон ЕУ барањата.