Редовна седница на владиниот Комитет за претприемништво и иновации

Во Владата на Република Македонија денеска се одржа редовна седница на Комитетот за претприемништво и иновации со која претседаваше претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски.

На денешната седница се разгледуваа информацијата во врска со функционирањето на Регионалниот центар за претприемничко учење на Југоисточна Европа со седиште во Загреб, како и нацрт текстот на Предлог стратегијата за иновации на Република Македонија за периодот 2012 – 2020 година.

Регионалниот центар за претприемничко учење во земјите на Југоисточна Европа претставува автономна, непрофитна организација, основана во 2009 година на иницијатива на осум земји од Југоисточна Европа, меѓу кои и Република Македонија, а неговото функционирање е со целосна поддршка од страна на Европската комисија.

Директорката на Центарот, г-ѓа Ефка Хедер, го информираше Комитетот за нивните досегашни активности во земјите на Југоисточна Европа кои што долгорочно се насочени кон промоција на знаењето, концептуални решенија и решенија за имплементација и развивање на мрежа на експерти во областа на образованието и претприемничко учење како клучна компетентност, со цел зајакнување на конкурентноста на малите и средни претпријатија на национално и регионално, односно на меѓународно ниво како задолжителен дел од политиките на Европската Унија.

Воедно, беа разгледувани и активностите што ќе следат во наредниот период, при што се заклучи дека во однос на Република Македонија главниот фокус треба да биде експертската поддршка во процесите на претприемничко учење во основното и средното образование.

Комитетот го разгледуваше и го усвои нацрт текстот на Предлог стратегијата за иновации на Република Македонија за периодот 2012 – 2020 година, кој што е развиен од страна на експертски тим од ОЕЦД, при што се заклучи во финалната верзија на Стратегијата која што ќе се проследи на усвојување во владина процедура да се инкорпорираат и мерките за поддршка на иновациите кои што се предвидуваат во останатите стратешки документи, како што е Националната програма за истражување и развој за периодот 2012-2016, како и анализата на мерките кои што произлегуваат од Глобалниот иновациски индекс.