Средба на министерот Попоски со генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска имаше работна средба со генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки-мун, кој престојува во официјална посета на Македонија во рамки на неговата балканска турнеја.

Како што соопшти МНР, министерот Попоски и првиот човек на Светска организација, разговараа за голем број актуелни прашања од агендата на ОН: ангажманот во разрешување на кризните жаришта во светот, со посебен акцент на состојбата во Сирија, справувањето со глобални предизвици како што се искоренување на сиромаштијата, борбата против тероризмот, климатски промени, енергетска ефикасност, непролиферацијата на оружје, натамошните активности во делот на одржливиот развој по неодамнешната конференцијата Рио+20 и други актуелни прашања од агендата на ОН.

Министерот Попоски ја подвлече поддршката на Република Македонија кон напорите на Светската организација за зачувување на мирот и безбедноста и справувањето со глобалните предизвици и кризи, а особено на заложбите на Генералниот секретар за спроведување на реформи на целиот систем на ОН, неговите активности за разрешување на состојбата во Сирија, транзицијата во Либија и Тунис и натамошните активности во делот на одржливиот развој.

Воедно, министерот Попоски го информира Бан Ки-мун за постигањата на Република Македонија од својата независност и во текот на 19-годишното членство во ОН, пред се, во изградбата на мултиетничка функционална демократија, градењето добрососедски односи и нашиот придонес кон регионалниот развој и соработка, како и за заложбите и придонесот за континуирано унапредување и почитување на човековите права ширум светот, за што потврда е нашата кандидатура за членство во Советот за човекови права за периодот 2014-2016. Притоа, министерот Попоски ја реафирмира нашата интенција за зголемено учество во мировни операции на ОН и посветеноста кон натамошно зајакнување на соработката и партнерството на Република Македонија со ОН.

- На средбата, на која присуствуваше и специјалниот претставник на Генералниот секретар за спорот со името Метју Нимиц, се разменија мислења за изнаоѓање начин за интензивирање на разговорите под покровителство на ОН, со цел што побрзо разрешување на ова прашање. Министерот Попоски го истакна нашиот конструктивен пристап во процесот, изразувајќи надеж и очекување дека и другата страна ќе пристапи со добра волја и подготвеност за суштински исчекор во насока на изнаоѓање заемно прифатливо решение, стои во соопштението од МНР.