Димовски: Владата ќе интервенира за да не поскапи лебот

Доколку има потреба, Владата, преку обезбедување одредена количина македонска пченица од стоковните резерви, ќе интервенира за да се задоволат домашните потреби и да се спречи евентуално осцилирање на цената, а по тој основ и поскапувањето на лебот како финален производ.

- Сите шпекулации на медиумите во изминатите денови околу наводното поскапување на лебот се нереални, пусти желби на некои субјекти од млинско-пекарскиот сектор или средство за уцена кон некого. Во овој момент има доволно количина пченица по солидна цена која генерално, ги задоволува потребите на земјоделците и која воедно не би требало да влијае врз формирањето на цената на лебот, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

Одговорајќи на новинарско прашање по потпишувањето на Договорт за ХС „Злетовица“, Димовски напомена дека цената на пченицата е, сепак, берзански производ. Светските берзи бележат нејзино покачување, а тоа секако се одразува и во Македонија.

-  Цената е пазарна категорија, но ние ќе се обидеме со интервенција преку стоковните резерви да извршиме нејзино регулирање за да нема преголеми осцилации. Ќе реагираме со обезбедување доволни количини пченица од стоковните резерви, нагласи министерот.

Ако се почувствува одреден дисбаланс на пазарот, додаде, можно е укинување на владината мерка за условен увоз на странска пченица.

Лебното жито во земјава моментно се откупува по минимум 14 денари за килограм како што договорија двете страни, производителите и мелничарите. Во некои региони како скопскиот, достигнува 15 и 16 денари. Тука некаде, како што рече Димовски, би се задржала до крајот на жетвата.

- Од почетокот на жетвата откупната цена бележи зголемување, но по однос на квалитетот. Некои незадоволни земјоделци очекуваат подобри денови поради што ја чуваат. Нам, пак, целта ни е да бидат откупени што поголеми количини, истакна министерот.

Според него, веќе увезените над 85.000 тони пченица заедно со планираниот домашен откуп, 150.000 тони од годинашната реколта, во целост ќе ги задоволат потребите.

На Македонија годишно и требаат околу 270.000 тони пченица. Државата е отсекогаш увозно зависна, купува по 100.000 до 120.000 тони. Ако дел од количините не се троши за сточна храна, во целост може да се покријат потребите.