Ставрески: Светска банка на Македонија ќе и додели финансиска помош од најмалку 155 милиони долари

Светска банка ќе и даде на Македонија финансиска поддршка оваа и следните две години во износ од 155 милиони долари за реализација на неколку крупни проекти. ММФ и Светска банка ја оценија Македонија како земја со здрави економски политики. Остварените резултати во однос на порастот на БДП, степенот на зголемување на странските директни инвестиции и високиот пораст на извозот се клучните три работи позитивно оценети.

Ова во изјава за МИА го соопшти вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој ја предводи македонската делегација на Годишното собрание на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка.

Тој посочи дека поддршката од Светска банка ќе биде во делот на енергетиката.

- Во текот на 2012 година ќе започне реализацијата на проектот „Луково Поле“, проект поддржан со средства од Светска банка. Уште во текот на оваа година ќе започне реализацијата на проектот за изградба на далекувод од Штип до Ниш спроведен од страна на АД МЕПСО. Покрај тоа, ќе добиеме и средства за поддршка на инфраструктурни проекти за општините, проект со кој што десетици општини во Република Македонија, пред се од посиромашните региони, ќе добијат пари за реализација на инвестициски проекти во делот на реконструкција на улици и улично осветлување, набавка на возила за јавните комунални претпријатија и слично, изјави вицепремиерот Ставрески.

Очекувам, нагласи, исто така во делот на образованието да добиеме финансиска поддршка од Светска банка со цел да се подобри квалитетот на образованието во насока на продуцирање на кадри коишто ги бара пазарот на работна сила, што секако е и еден од клучните елементи на подобрување на конкурентноста на македонското стопанство. Ќе има и буџетска поддршка во насока на спроведување на реформите во повеќе области. така да се на се се работи за еден добар сериозен пакет во износ од најмалку 155 милиони долари за следните две години.

На Годишното собрание на ММФ и Светска банка највисоките раководства на овие организации ја оценија Македонија како земја со здрави економски политики.

- Остварените резултати во однос на порастот на бруто-домашниот производ, степенот на зголемување на странските директни инвестиции и високиот пораст на извозот се клучните три работи што беа позитивно оценети од страна на мисијата на ММФ и на Светска банка за Македонија, потенцира вицепремиерот Ставрески.

Денеска во Вашингтон македонската делегација има средби со претставници на банки и претставници на Меѓународната финансиска корпорација и на Светска банка. Исто така, ќе се одржи и пленарната седница на Комитетот на ММФ и на Светска банка на која што првите луѓе на овие институции ќе дадат видување за актуелната економска состојба во светот и можните политики и решенија за надминување на предизвиците со коишто се соочува светската економија.