Македонија доби 107 милиони евра заем од ЕБОР за изградба на делницата Демир-Капија - Смоквица

Заокружена e финансиската конструкција за изградба на делницата Демир Капија - Смоквица, од Коридорот 10. Средствата во износ од 107 милиони евра се обезбедени со денеска потпишаниот договор со Европската банка за обнова и развој.

Договорот за заем го потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и директорот за транспорт на ЕБОР Сју Барет. Вкупната инвестиција за изградба на оваа делница е 271 милиони евра од кои 130 милиони се обезбедени од Европската инвестициска банка, 45 се ИПА грант на Европската унија и 6 милиони евра од Буџетот на Република Македонија.

- Со изградбата на делницата во должина од 28 километри ќе се обезбеди автопатско решение на оваа најзначајна транспортна рута во Македонија. Се работи за коридор кој ја поврзува Македонија на север со Европа, а на југ со Солунското пристаниште важно за нашето стопанство, и извонредна можност да се забрза протокот на стоки и луѓе и да се зголеми конкурентската способност на македонските компании, истакна министерот Ставрески по потпишувањето на Договорот. Заемот е обезбеден под исклучително поволни услови, со 15 години рок на отплата, грејс период од 3 години и каматна стапка која во моментов е околу 2,7 отсто. Заемот ќе се отплаќа со средства од Буџетот на Република Македонија, а проектот ќе се имплементира од Агенцијата за државни патишта и Министерството за транспорт и врски и оперативната структура од Министерството за финансии. ЕБОР со поддршка на овој проект, рече министерот, уште еднаш покажа дека Банката станува можеби најсериозен партнер на Република Македонија во реализацијата на крупни значајни инфрастурктурни проекти.

Додаде дека динамиката на поддршка на Банката и одобрувањето нови кредити во последните една-две години е значајно засилена и оти се очекува поддршка и за нови проекти како што се гасификацијата и изградбата на железничката пруга.

- Уверени сме дека со партнер како ЕБОР ќе успееме на брз и ефикасен начин да го реализираме овој проект и на тој начин да обезбедиме завршен автопат на Коридорот 1, истакна Ставрески. Според директорката за транспорт на ЕБОР Сју Барет, со вклучувањето во реализацијата на овој проект, Банката продолжува да соработува со Владата за реформите за одржување на патиштата. - Ова е 7-ми транспортен проект на ЕБОР во Македонија со што вкупно позајмените средства во транспортниот сектор изнесуваат 250 милиони евра, посочи Барет и додаде дека се водат разговори и за поддршка на други инфраструктурни проекти, како што се гасификацијата, енергетиката, како и во приватниот сектор.

Категорија: