Пуштен во употреба автопатот Табановце - Куманово


Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска по повод Денот на независноста, во придружба на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески го пушти во употреба автопатот Табановце – Куманово долг 7,6 километри.


Делницата, која е дел од Коридорот 10, се градеше во изминатите четири години. Вкупната вредност на проектот изнесува 15,5 милиони евра, а го спроведе Агенцијата за државни патишта во соработка со Светска банка.


- Станува збор за најзначајната инфраструктурна артерија во нашата земја – автопат кој не поврзува со север и Европа од една страна, односно со југ и за македонската економија важното Солунско пристаниште од друга страна. Ова не е само асфалт, ова е инвестиција која ќе ја подобри геостратешки добрата позиција на Македонија и нејзината атрактивност за инвестирање, истакна Ставрески во обраќањето пред пуштањето на делницата.


Патиштата поврзуваат и развиваат, а Македонија, нагласи вицепремиерот, конечно го најде својот вистински пат по кој ќе обезбеди посилен економски развој, подобри услови и животен стандард за своите граѓани.


Во наредниот период Владата ќе се залага за почеток на изградба на последната делница од Коридорот 10, Демир Капија – Смоквица.


Како што информира министерот Јанакиески, тендерот е распишан на 30 август годинава, а во мај се очекува да почнат градежните работи.
- Приоритет остануваат и работите околу подобрување на регионалната и локалната патна мрежа, напомена Јанакиески.


Директорката на Агенцијата за државни патишта Наташа Валкановска рече дека е гордост да се биде Македонец во време на напредок, во период кога се гради и создава, кога се остваруваат капитални проекти.


- Денеска во функција го ставаме новоизградениот автопат од Куманово до граничниот премин Табановце. Денеска и овој влез во државата добива нов лик. Беше вистински предизвик да се реализира овој капитален проект што почна во време на економска криза. Главната траса е со должина од 7,6 километри и широчина од 11 метри во секој правец. Автопатот ќе има поврзување со две клучки - Табановце и Речица, ќе има повеќе објекти на патот, а во следниот период ќе се изградат и пристапни патишта во должина од 600 метри, нагласи Волкановска.


По завршување на Табановце – Куманово, македонскиот автопатски дел од Коридорот 10 треба да се комплетира уште со делницата Демир Капија – Смоквица во должина од 28,2 километри за чија изградба Владата обезбеди 270 милиони евра од ЕБРД, Европската инвестициска банка и ЕУ. Изградбата треба да почне следната година и е предвидено да трае пет до шест години.


Во Македонија последниве пет години како странски директни инвестиции влегле 1,8 милијарди евра што е двојно повеќе од странските вложувања во претходните 10 години. Странските директни инвестиции, како што подвлече вицепремиерот и министер Ставрески, не значат само влез на свеж капитал, туку и отворање нови работни места, како и пренесување знаења и искуства. - На тој начин и македонскиот производ станува поквалитетен и поконкурентен за извоз. Благодарение на константното вложување во изградба и модернизација на инфраструктурата набрзо може да се очекуваат нови инвеститори кои во Македонија ќе градат фабрики и ќе отвораат нови работни места, рече Ставрески.


 


 

Категорија: