Попоски за „Ел Паис“: Бесмислени се стравувањата на Атина за територијални претензии

Македонија го започна својот независен пат во деведесеттите години на начин кој многу ветуваше. Додека Балканот беше раскрвавен од сите страни, новата земја која изникна од поранешната југословенска провинција успеа да ги направи своите први чекори во мир и да напредува со добар ритам на развој на новите демократски институции. Младата република на почетокот од деценијата го надмина тешкиот период на судири од етничко-религиозна природа меѓу Македонци и Албанци, благодарение на дијалогот и политичките реформи.  

И покрај тоа, две децении подоцна земјата е заглавена. Грција става вето на нејзиното членство во НАТО и ЕУ. Атина приговара оваа соседна земја да се именува “Република Македонија” сметајќи дека таквата деноминација ќе ја одржи отворена вратата за евентуални идни територијални претензии од страна на Скопје кон хомонимната грчка провинција. Европската комисија, која три години последователно препорачува да се отворат пристапните преговори со Македонија, од друга страна, жали што има застој во процесот на реформите. И, по периодот на одржливиот економски раст, Македонија значително забавува и бележи процент на невработеност од преку 30%.  

Во неодамнешното дадено интервју во Мадрид, македонскиот министер за надворешна работи, Никола Попоски ги оцени како “бесмислени” стравувањата на Атина во однос на евентуални територијални претензии. “Македонија на експлицитен начин изјави дека нема претензии кон ниту еден од нашите соседи. Во овие години, ги прифативме и почитувавме нашите обврски и покажавме широко ниво на флексибилност. Направивме отстапки како што се промената на знамето и реформите во Уставот. Но има работи кои се косат со основните демократски принципи. Името на една држава единствено може да биде определено од граѓаните на самата држава. Јазикот, културата, идентитетот се елементи кои не можат да бидат наметнати од надвор. Грција прифати една и единствена обврска: да не ја попречува нашата интеграција во меѓународни организации. И истата не ја почитува”, потврдува Попоски.

Всушност, минатиот декември Меѓународниот суд на правдата ја осуди Атина заради неисполнувањето на обврската да не ја попречува интеграцијата на својот сосед во меѓународните институции, која беше преземена со Времената спогодба потпишана во 1995. Но, од тогаш, грчкиот став не е променет и спорот се наоѓа на мртва точка.    

"За жал, економската криза ја троши сета енергија на грчките лидери. Нема простор за посветување за случајот со Македонија. Ние продолжуваме да бидеме отворени за дијалот. Односите меѓу двата народи се добри. Истото важи и за трговските односи. Македонија е можност, не закана за Грција", нагласи Попоски.

На внатрешен план, македонското општество беше потресено минатиот април заради жестокиот настан со предзнак на етничко насилство. Група вооружени убијци убија пет лица со македонско потекло кои беа на риболов на едно езеро во близина на Скопје. Настанот ги разбуди старите духови. "Случајот имаше многу последици заради неговата бруталност", коментира Попоски. "Некои лица настојуваат преку терористички активности да создадат меѓуетнички, меѓу религиозни нарушувања. Идентификувавме поединци кои имаат намера да дестабилизираат. Но, случајот треба да се разгледува во соодветен контекст. Доколку се гледа во перспектива, не постои ниту една политичка сила во нашата земја која ја подржува таквата стратегија. Не можеме да ја исклучиме можноста дека и во иднина ќе има поединци кои ќе промовираат радикална агенда. Но, нема никаква политичка основа за таквата поддршка. Ситуацијата може да биде малку поразлична во други соседни земји, но во суштина, агендата на радикалните импулси исчезнуваат во регионот.

новинар: Андреја Ризи,

одржано за време на работна посета на МНР Никола Попоски на Мадрид, на 12.06.2012