Обраќање на премиерот Никола Груевски на Инвестицискиот форум „Обединето Кралство - Македонија“ во Лондон

„Ваши екселенции,

Почитувани претставници на бизнис заедницата,

Дами и господа,

Драги пријатели,

 

Вистинско задоволство е што сум денеска со Вас, тука во Лондон, и имам можност да се обратам пред претставници на компании од Обединетото Кралство, земја со која имаме традиционално добри односи, како политички така и економски. Би сакал, од името на мојата нација, да Ви заблагодарам на сестраната помош која како земја наш пријател и значаен партнер ни ја давате. Се надевам дека одличните политички односи на севкупно ниво, особено изразени преку сојузништвото во рамките на НАТО-алијансата за обезбедување на светскиот мир и демократија, ќе бидат проследени со значајно унапредување и на економската соработка, со што Вие ќе помогнете не само во развојот на мојата земја, туку и во развојот на регионот на Југоисточна Европа.

Македонија е добра земја за водење бизнис, тоа најдобро го потврдува Светската банка која преку листата на Doing Bussines неколку години по ред ја става Македонија на врвот на листата на реформатори и поволни бизнис дестинации. Значаен напредок забележуваме и на листата на Форбс.

Владата на Република Македонија во континуитет работи на подобрување на бизнис климата и условите за работа, еднакво за домашните и странските компании. Наша цел е економски раст, развој на приватниот сектор и отворање нови работни места. Напорно работиме да создадеме услови за компаниите да можат да добијат позитивни услови за да го оплодат својот капитал и да се постигне двострана корист, и за менаџментот на фирмата и за стандардот на граѓаните на Македонија.

Република Македонија направи значаен напредок на економски план во изминативе неколку години, кога во годината пред глобалната економска и финансиска криза беше постигнат и највисок економски раст, како и најголем прилив на странски директни инвестиции. Економски раст, иако значајно намален заради објективни причини, беше регистриран и за време на глобалната економска криза.

Последниот извештај на Европската комисија е уште една потврда за добриот начин на кој Република Македонија се справува со предизвиците кои ги носи моменталната економска ситуација во светот, макроекономските показатели на Македонија и понатаму, споредено со регионот се подобри и тоа не само во поглед на економскиот раст, туку и во однос на нивото на задолженост каде што земјата има најниско ниво.

Република Македонија во делот на макроекономските индикатори има стабилнa макроекономскa политика при што значително е зајакната финансиската регулатива. Притоа, е извршена либерализација на девизното работење, подобрена е ефикасноста на банкарската супервизија, има долгогодишна макроекономска стабилност со ниска инфлација која во просек изнесува 2% во последните 10 години; избалансирани јавни финансии со низок буџетски дефицит; стабилен девизен курс и низок јавен долг (26% од БДП).

Во изминатите години се спроведени  низа реформи во делот на пазарот на труд, како и активни мерки за зголемување на вработеноста. Во делот на даночната политика  воведовме ниски и рамни даноци од 10%, ја ослободивме од оданочување задржаната добивка која не се распределува во дивиденда, етапно ги намалуваме социјалните придонеси за 1/3, со Регулаторната гилотина ја поедноставивме бизнис регулативата, воведовме едношалтерски систем во царината и даночната администрација, донесени се мерки во делот со управување со градежно земјиште со што е поедноставена постапката за градење, намалени се комуналиите, воведени се субвенции за тур-операторите, како и други реформи кои позитивно би влијаеле во бизнис климата во Република Македонија.

Порастот на БДП и странските директни инвестиции се резултат и потврда на сéопфатните реформи за подобрување на вкупната бизнис клима. За постигнатите резултати, како што претходно истакнав, Република Македонија се вброи во топ трите реформатори согласно реномираниот “Doing Business” Извештај на Светска Банка за 2010 година.

Врз основа на подобрената бизнис клима и активностите за промоција на Р. Македонија како бизнис дестинација, успеавме да привлечеме познати странски компании во Технолошко- индустриската развојна зона(ТИРЗ) во Скопје како што се Џонсон Контролс и Џонсон Мети кои отворија свои капацитети уште пред светската економска криза. Значајно е да истакнам дека по најновото економско закрепнување, во последните 4 месеци во Македонија има своевиден мини инвестициски циклус, при кој што Џонсон Контролс отвора уште една втора фабрика, а влегоа и инвестициите на Текнохозе од Италија, Кемет Електроникс од САД, Протек Груп од Русија и Мадерсон Груп од Италија. Воедно, се отворија уште три технолошко- индустриски развојни зони од која едната во Штип, Тетово и уште една во Скопје.

Зоните нудат низа поволности: ослободување од данок на добивка и персонален данок на доход за првите десет години од работењето; даночно ослободување на нераспределената добивка; ослободување од ДДВ, царина и акцизи за промет на добра кои се користат за производство наменето за извоз, како и ослободување од комунални и административни такси. Во зависност од висината на инвестицијата, Владата на Република Македонија може да учествува во трошоците за изградба на градежен објект до 500.000 евра, како и да додели соодветна помош за обука и усовршување на вработените. Земјиштето се дава под закуп под поволни услови за период до 99 години, а обезбедени се инфраструктурни погодности како што е бесплатно приклучување до гас, електрична енергија и комунално поврзување.

Сметам дека овој пакет на наведени субвенционирања се добра основа да се размисли да се поведе иницијатива пред телата на управување и пред менаџментот на Вашите компании за создавање можност за инвестирање во капацитети во Македонија.

Сакам да потенцирам дека како врвен приоритет на Република Македонија, на политички и на економски план секако останува визијата за заедничка сегашност и иднина во големото европско и евроатланско семејство, а тоа ќе го постигнеме со членството во НАТО и ЕУ, што би претставувало голема придобивка за севкупниот просперитет на целиот регион и пошироко. Тоа значи дека споделувањето на исти вредности и верувања се уште една гаранција дека Вашиот бизнис во Македонија ќе биде сигурен и траен.

Почитувани стопанственици,

Една од водечките светски компании од индустријата на автомобилски компоненти, британската компанија Џонсон Мети, ја препозна и ја избра Македонија за своја бизнис дестинација. Фабриката на Џонсон Мети успешно работи во ТИРЗ Скопје 1. Тие тука ги препознаа поволностите што Македонија ги пружа на странските инвеститори: поволна местоположба, квалитетна работна сила, ниски даноци, добра инфраструктура и про – бизнис државни институции кои се спремни да им ја дадат потребната поддршка на странските компании во процесот на инвестирање. Можете да ги консултирате за нашите можности и потенцијали, за да добиете потврда дека она што го говориме се остварува и во стварност, без никаква задршка.

Драги пријатели,

Обединетото Кралство е лидер на светските економски и политички процеси. Историски гледано Кралството има голем допринос во помагањето на развојот на регионот на Југоисточна Европа, во секој поглед демократски, општествен, културен, економски.  Се надевам дека и нашата генерација ќе ги продолжи традициите на двострана соработка, на меѓусебна помош и на задоволување на заедничките потреби и интереси.

Ве поканувам да не посетите и лично да се уверите во поволната бизнис клима во нашата земја и се надевам дека Македонија ќе се најде и на вашата мапа како дестинација за водење бизнис.

Ви благодарам и ви посакувам многу успех во водење на вашите бизниси.“