Промовиран Протоколот за меѓусекторска соработка за постапување со деца на улица

Денеска (20.03.2023) беше промовиран Протоколот за меѓусекторска соработка за постапување со деца на улица, во коорганизација на Министерството за труд и социјална политика и УНДП. На настанот организиран по овој повод свои обраќања имаа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, амбасадорот на Норвешка за Србија, Северна Македонија и Косово,  Јон Еуген Гелштад, како и постојаниот претставник на Канцеларијата на УНДП во Република Северна Македонија, Армен Григоријан.

Од страна на министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска беше истакната оправданоста на Протоколот за постапување и упатување на децата од улица, како неодложна потреба Република Северна Македонија да ги усогласи своите активности во социјалната заштита на децата со оние на европските земји, а како уште еден чекор во доближувањето на земјава кон европските текови.

„За подобрување на состојбата и меѓусебната координација во постапување помеѓу институциите и нивните одговорности во однос на децата на улица се наметна потребата од креирање на Протокол за меѓусекторска соработка за постапување со деца на улица. За подготовка на овој важен документ, Министерството за труд и социјална политика формираше работна група со претставници од МВР, МОН, МЗ, МП и НВО, со цел координирано постапување со децата, заштита, нивно вклучување во општеството, и активности за спречување на оваа појава. Сериозноста во пристапот и неопходноста да им се помогне на децата од улица наметна воспоставување на широка лепеза на постапки и мерки наменети за стручните лица кои се во допир со целната група и на кои им е потребен унифициран, стандардизиран и единствен начин на постапување со овие деца”, рече министерката Тренчевска.

„На децата не им е местото на улица, туку во училиштата, во образовниот процес. Потребно е нивно целосно вклучување во општествените текови, како и организирана заштита, како здравствена, така и социјална...  Токму тука ја препознавме нашата обврска да се погрижиме ниту едно дете да не биде лишено од основните човечки потреби и удобности, заеднички да помогнеме да го направиме ова место подобар свет за нив за да можат живеат, а не само да преживеат”, рече министерот Спасовски образложувајќи ги аргументите за креирањето на новиот Протокол за постапување со деца на улица, како мултисекторски обврзувачки документ.

Министерот Спасовски потенцираше дека Протоколот содржи широка лепеза на постапки и мерки наменети за  стручните лица ширум земјава кои се во допир со оваа целна група.

„И за МВР, но и за сите релевантни институции, Протоколот значи воспоставување на ефикасна и оперативна процедура за брза и координирана постапка за заштита на децата на улица од изложување на неповолни околности или штета. Но и обезбедување соодветна помош и поддршка на децата, нивна заштита, како и определување на превентивни мерки кои обезбедуваат безбедна и стимулативна средина за животот и работните активности на секое дете, особено на децата во ризик”, истакна министерот Спасовски.

Амбасадорот на Норвешка за Србија, Северна Македонија и Косово, Јорг Еуген Гелштад истакна: „Кралството Норвешка посветува огромно внимание на обезбедување на квалитетно образование за сите деца, заштитата на децата и нивните права и образованието се клучни за нивно идно вклучување во општеството како достоинствени поединци со професионални способности. Особено задоволство да се биде сведок на она што е направено со реконструкцијата на градинката во Шуто Оризари и дневниот центар за деца од ризик и се надевам дека овие модели ќе можат да се пресликаат и во други општини”.

Во своето обраќање, постојаниот претставник на Канцеларијата на УНДП, Армен Григоријан, ја изрази надежта дека Протоколот ќе служи како катализатор за промени со цел подобрување на квалитетот на живот на децата.

„Со финансиска поддршка на Кралството Норвешка, Програмата за развој на Обединетите нации во партнерство со Владата и Општината Шуто Оризари веќе неколку години работеше на проектни активности поврзани со реконструкцијата на опожарената градинка, како и отворање на Општинскиот центар за деца од улица. Како завршна активност на проектот беше и координацијата за изработна на Меѓусекторскиот протокол за постапување со деца од ризик, фокусиран на децата како една од најранливите категории во светот. Се надеваме дека овој стратешки документ ќе служи како катализатор за промени со цел подобрување на квалитетот на живот на децата и тоа преку заеднички приод, образование, соработка и транспаретност”, потенцираше Армен Григоријан, постојаниот претставник на Канцеларијата на УНДП во државата.

По промоцијата на Протоколот следеа презентации и дискусија од страна на експертите од работните групи од надлежните министерства.