Битиќи: Германските компании се охрабрени да инвестираат во нашата земја

Германија е важен економски партнер на Северна Македонија и нејзин главен извозен пазар и реалните очекувања се дека со почетокот на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ, интензитетот на севкупната економска билатерална соработка ќе се зголеми.
 
Ова е главната констатацијата од состанокот на  заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи со бизнис делегацијата на Источниот Комитет на Германското стопанство, која ја придружуваше  в.д. амбасадорот Ото Граф.

Во изјавата за медиумите после состанокот, вицепремиерот Битиќи укажа дека Германија е важен економски партнер и наш главен извозен пазар, но од другастрана пак,  повеќе од 200 компании со германски капитал работат во Северна Македонија, кои вработуваат околу 20.000 луѓе.

„Показател за добрата соработка е реинвестирањето на германските компании во нашата земја, оние кои се веќе тука, остануваат и го зголемуваат и своето производство и бројот на вработени. И тие истите го шират добриот збор за нашата земја и добрите инвестициски услови на други компании кои ја одбираат нашата земја за свој инвестициски партнер“, изјави Битиќи.

Вицепремиерот додаде дека една четвртина од нашата вкупна трговска размена со светот отпаѓа на Германија со значителен суфицит што значи дека повеќе извезуваме кон, отколку што увезуваме од, и дека ЕУ интеграциите уште повеќе ќе ја зголемат оваа економска соработка.

„Реално е да се очекува дека со почетокот на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ, интензитетот на севкупната економска билатерална соработка ќе се зголеми и за тоа сме подготвени, нудејќи поволна, предвидлива и отворена за соработка бизнис клима“, порача Битиќи, и додаде дека нашата земја нуди одлична поддршка за компаниите кои инвестираат во нашата земја, и дека само портфолиото од неговиот кабинет е составено од над 600 компании кои ги поддржуваме во инвестиции за зголемување на нивната конкурентност, нови производни линии, зголемен број на вработени и инвестиции во истражување и развој.

„Овој процес значително се подобри откако во 2020 година кабинетот со кој раководам стана one stop shop за инвеститорите, што го потврдија и компаниите со кои денеска се сретнавме“, рече Битиќи.