Премиерот Никола Груевски се сретна со претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина Жељко Комшиќ

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска оствари средба со претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, г-дин Жељко Комшиќ.

На средбата беше истакнато дека меѓу двете земји постои традиционално заемно почитување и пријателски односи, но и почитување на политичките определби на секоја од земјите кои водат кон заедничката цел - приклучување кон евроатлантските интеграции.

Претседателот на Владата, г-дин Груевски истакна дека меѓу двете земји на билатерален, регионален и на мултилатерален план нема отворени прашања, при што посочи дека со денешната официјална посета се очекува да се придонесе кон натамошно продлабочување на односите и соработката во наредниот период помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина.

На средбата стана збор и за потребата за доведување до крај на постапките за потпишување на повеќе Спогодби од различни сфери меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина, кои се во завршна фаза, со што значајно би го унапредило правното регулирање во повеќе области на соработката меѓу двете земји.

Двајцата соговорници разговараа и за унапредување на економската соработка, при што беше заклучено дека ефектот на либерализација на трговијата во периодот од примената на Договорот за слободна трговија покажува тенденција на зголемување на вкупната трговска размена.


 

Категорија: