Пешевски: Оптимист сум дека до крајот на годинава ќе се реализираат сите зацртани странски инвестиции

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски е оптимист и очекува да се реализираат сите планирани странски инвестиции за годинава.

- Реално очекуваме мало забавување на економијата во втората половина од годинава, но јас сум оптимист дека она што го имаме проектирано како странски инвестиции ќе биде остварено. Но, сепак ќе треба да почекаме за да видиме дали ќе се случи тоа или не...По изборите, бројот на странски инвеститори во Македонија се зголемува. Потврда за тоа е и денешната инвестиција од околу 10 милиони евра на италијанската групација Еуроиталија, изјави Пешевски по поставувањето камен-темелник на мултифункционалниот трговски центар во Петровец.

Тоа, посочи, покажува дека напорите на Владата за подобрување на бизнис климата се во вистинска насока и вродуваат со реален плод, односно дека индикаторите од меѓународните институции кои укажуваат на унапредувањето на бизнис климата навистина се реални.

- Џонсон контролс неодамна ја направи втората инвестиција во Македонија. Италијанската групација Еуроиталија денеска ја прави втората инвестиција во Петровец, а планираат уште една во Катланово, потенцира Пешевски.

Прашан дали Владата ќе ја менува стратегијата за патиштата по пропаѓањето на тендерот за Коридорот 8, вицепремиерот Пешевски рече дека се разгледуваат повеќе модели.

- Кога ќе се одбере моделот за кој сметаме дека е вистински ќе биде објавен. Реалност е дека несигурностите на светската економска сцена влијаеја инвеститорите да станат повнимателни. Веќе е сосема извесно дека се оди со малку позабавено темпо и оти во повеќе фази ќе биде поделена реализацијата на овој проект, но сигурно е дека Владата нема да се откаже од неговата реализација, рече вицепремиерот Пешевски.

Категорија: