Италијанска инвестиција од 10 милиони евра во изградба на трговски центар во Петровец

Со поставување камен-темелник во општина Петровец денеска почна изградба на мултифункционален трговски центар, инвестиција на италијанската групација Еуроиталија во вредност од 10 милиони евра. Деловниот објект ќе се простира на површина од 10.000 квадратни метри и треба да овозможи 100 нови работни места.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски во обраќањето на свеченоста истакна дека италијанската инвестиција е значајна за натамошниот развој на општина Петровец. Покрај 10-те милиони евра што ќе бидат вложени и 100-те нови работни места, според Пешевски, особено е значајно што ќе се создадат можности за трговија во општината, но и предуслови за развој на трговски активности и размена со Градот Скопје.

Укажувајќи на големиот напредок нотиран во Дуинг бизнис на Светска банка каде Македонија е пласирана на највисоките места во Европа во спроведување реформи за водење бизнис, вицепремиерот порача оти крајната цел, сепак, не е високото рангирање на листите, туку, како што рече, целта е да се присуствува на што повеќе настани како денешниот со старт на инвестиции.

Според Пешевски, доказ дека напредокот во бизнис-климата е реален е податокот оти трговскиот центар во Петровец е втора инвестиција на италијанската групација во државава.

- Владата останува посветена на реформите и на натамошно подобрување на бизнис-климата за привлекување што повеќе инвестиции што во наредниот период треба да овозможи поголем економски развој, намалување на невработеноста и зголемување на животниот стандард на граѓаните, истакна Пешевски.

Алберто де Лука, еден од инвеститорите на трговскиот центар, најави оти денешниот настан е само почеток на плановите за инвестирање што ги има групацијата во Македонија. 

- Веруваме во Македонија како млада држава во која ќе наидеме на одличен прием и од граѓаните, наведе де Лука.  

Следната нивна конкретна инвестиција, според градоначалникот на општина Петровец Борче Митевски, веќе се официјализира. Италијанските инвеститори веќе купиле парцела со површина од 6.000 метри квадратни во Катланово на која ќе градат објект со вкупна површина од 27.000 метри квадратни.

Изведувач на градежните работи на мултифункционалниот трговски центар во Петровец е компанијата „Ники градба“.

Категорија: