Бесими: 2022 година ја завршивме со јавен долг на ниво од 57,1 %, намалување за 3,9 процентни поени

Јавен долг од 57,1 % што е за 3,9 процентни поени понизок во однос на нивото од 2021 година, буџетски дефицит понизок за 1 процентен поен во однос на планот за 2022 година и за 8,7 % понизок во однос на 2021 година. 

Тоа се фактите што се неоспорно постигнати со политиките што ги спроведуваме и најзначајно што се постигнати во услови на криза. Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на Конференцијата „Година на нови можности“ говорејќи на тема „Фискални, монетарни и даночни политики во време на криза“.

„Управувањето со јавни финансии е особен предизвик во услови на турбулентно економско окружување. Експанзивна фискална политика која беше водена во периодот на пандемијата, преку таргетирана поддршка за одржување на ликвидноста на компаниите, зачувување на работните места и социјална помош за невработените и ранливите категории на граѓани, резултираше со пораст на буџетскиот дефицит на 8,1% од БДП во 2020 година, придонесувајќи за нагло зголемување на јавниот долг на 59,7% од БДП,  достигнувајќи рекорден јавен долг од 61 % во 2021 година, која со континуирана заложба за фискална консолидација можеме да се пофалиме дека заклучно со 31.12.2022 година  се спушти на ниво од 57,1% од БДП,“, рече министерот Бесими.

Тој потенцира дека значајно е тоа што нивото на јавниот долг се намали во услови на криза и дека тоа е  под Мастришкиот критериум (60%).

„Буџетскиот дефицит, исто така, може да кажеме дека се движи во рамки на Мастришките критериуми (3 % од БДП). Ако се земе предвид дека од остварениот дефицит од 4,3 % околу 2 % отпаѓа на справување со кризата, ние сме постигнале дефицит кој е во рамки на европските правила“, истакна Бесими и додаде дека тој тренд на намалување на дефицитот продолжува и од почетокот на оваа година, а бројките покажуваат дека е за 35 % понизок од остварениот дефицит во тој период од 2022 година.

Оцени дека ова беше навистина специфична година во која требаше да се преземат политики со кои требаше да се обезбедат стабилни, ефикасни и одржливи јавни приходи, а тие политики добија потврда и од меѓународните институции. 

ММФ врз основа на одржливите економски политики и здравата основа, го одобри пристапот на земјата до средства од Инструментот за претпазливост и ликвидност, инвеститорите исто така во текот на 2022 година ги препознаа политиките и обезбедивме средства за буџетскиот дефицит и отплата на стари обврски по поповолни и пониски цени, а последната потврда на политиките се и од Агенцијата „Стандард и Пурс“.

„Со напорите за фискална консолидација ќе продолжиме и од реформите не отстапуваме. Го донесовме Законот за буџети, поставивме фискални правила. Почнавме реформа за воспоставување современ модерен даночен систем, кој ќе значи праведност, ефикасност, транспарентност и ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации, а сето тоа во функција на постигнување на забрзан, инклузивен и одржлив економски раст. Даночната реформа која како концепт ја воспоставивме не значи зголемување на даноци, туку е во насока на проширување на даночната база и ревидирање на даночните ослободување, а кои создаваат нееднаков третман на даночните обврзници“, рече министерот Бесими.

На панелот учествуваа гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска, директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, академик Абдулменаф Беџети и Глигор Бишев, советник на премиерот.

Гувернерката Ангеловска Бежоска се осврна и на улогата на координацијата на макроекономските политики во одржување на стабилноста на економијата, особено во услови на криза.

„Во период на пандемијата монетарната политика обезбедуваше поддршка на фискалната политика. Сега за справување со инфлацијата и одржување на стабилноста на девизниот пазар на монетарната политика и е потребна поддршка од фискалната политика. Оттаму од исклучителна важност е да се продолжи со прудентна монетарна политика и фискална политика, втемелени на добро таргетирани и временски ограничени мерки насочени кон најранливите сектори за краткорочно ублажување на ефектите, но уште поважно и на капитални инвестиции, кои ќе го зголемат долгорочниот потенцијал за раст и заедно со структурнитe реформи ќе ја поддржат трансформацијата на економијата“, рече Ангеловска-Бежоска.

Директорката Лукаревска истакна дека должност на УЈП е да воведе целосна дигитализација на процесите и модернизација  на услугите кон даночните обврзници, да се намалат бирократските процедури, а да се зголемува ефективноста и ефикасноста на постапките. „Со тоа, рече Лукаревска,  ќе  го стегнеме  обрачот за неформалната економија, а за  формалните бизниси  ќе обезбедиме  фер пазар и конкуренција.  

Електронска фактура, е процес кој оваа година го подготвуваме, ќе овозможи издавање, достава и прием на фактура во електронски формат преку единствениот систем на Управата за јавни приходи, во кој ќе се евидентираат сите фактури кои произлегуваат од прометот помеѓу даночните обврзници, владините институции, крајните приматели на добра и услуги како и интернет продавниците. 

Со е-фактура ќе се спречи  непријавување  данок при трансакции во е-трговија  ќе се зголеми ефикасноста на контрола и сузбивање на измамите со ДДВ (фиктивни фактури), а контролите да ги насочиме кон високоризични обврзници“, рече  Лукаревска.

Академик Беџети порача дека се неопходни даночните реформи согласно Стратегијата  донесена пред повеќе од една година.

„Имајќи предвид состојбите на постојниот даночен систем во РСМ, дека е многу регресивен, дека даночната база е со изразени условни олеснувања и ослободувања, дека е недоволно конвергентен со даночните системи на земјите членки на ЕУ, дека нема флексибилни решенија за оданочување на растечките добивки како резултат на криза, дека изразито се оданочува доходот од плати во однос на капиталните доходи и добивките, дека нема соодветни еколошки даночни решенија, дека се уште степенот на даночна дигитализација не одговара на предизвиците на времето, дека онлајн набавките не се ефикасно под контрола и како таков се уште генерира висока стапка на неформална економија, се неминовни даночните реформи согласно новата Концепција и Стратегија донесена пред повеќе од една година. 

Фискалната историја од пред еден век па се до денес, вклучувајќи ја и последната инфлациска и енергетска криза ни покажува дека токму големите економски кризи се причина повеќе за забрзување на реформите а не обратно“, наведе Беџети.

На Панелот, Бишев потенцира дека монетарната политика ќе остане примарен инструмент за соборување и контрола на инфлацијата, преку повисоки каматни стапки и успорување на растот на кредитите. 

„Фискалната политика, според него, ќе го поддржи соборувањето на инфлацијата преку намалување на буџетскиот дефицит. Истовремено преку алоцирањето на значителни средства за инвестиции во инфраструктурата, таа ќе го поддржи растот и конкурентноста на економијата. Тоа ќе биде оптимален микс кој ќе ги оствари крајните цели на стабилност на цените и позитивен економски раст."