Тренчевска: Борбата против насилството мора да биде постојана, специјализираните советувалишта се значајна поддршка за жртвите

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска го посети специјализираното советувалиште за жени и девојки жртви на родово засновано и семејно насилство и нивните деца, ЕХО – Штип.

На настанот беа присутни и претставници на меѓународната организација УН ВОМЕН и Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување - ХЕРА, со чија поддршка се воспостави ова специјализирано советувалиште во Штип.

Од отворањето на советувалиштето за неполна година, за бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка се обратиле 176 жртви на насилство.
„Борбата против насилството мора да биде постојана и преку разни форми на помош и поддршка на жртвите на насилство, заеднички да се спротивставиме со цел негово целосно сузбивање,“ рече министерката Тренчевска.

Таа посочи дека од голема важност е воспоставувањето на вакви советувалишта во што поголем број и опфат на сите плански региони затоа што на тој начин се овозможува тие да бидат блиски и достапни до граѓаните односно жртвите на насилство.
„Заложбата на Владата и Министерството за труд и социјална политика, и по ратификацијата на Истанбулската конвенција и  донесувањето на Законот за спречување и заштита врз жените и семејното насилство е проширување на сервисите за жртвите на насилство, но исто така од големо значење е и воспоставување на сервиси кои ќе работат и со сторителите на семејно насилство, затоа што семејното насилство е комплексен проблем“, посочи Тренчевска.

Во изминатите 10 месеци ЕХО обезбедила над 200 специјализирани советувалишни услуги со техничка и менторска поддршка на ХЕРА и со финансиска поддршка од Европската Комисија, обезбедена преку македонската канцеларија на УН ВОМЕН.
„ХЕРА посветено работи на развивање на капацитетите на локалните даватели на услуги, за тие да можат да им подадат рака на жените и децата што преживеале насилство. Меѓу нив се и жени и девојки со попреченост, како и жени и девојки од рурални средини кои најверојатно не би можеле да добијат помош доколку таа не е локално достапна. Се стремиме кон тоа ваквите услуги да се бесплатно достапни за жените и девојките низ целата земја, во што клучни се мултисекторските тимови и соработката меѓу државниот и граѓанскиот сектор“, нагласи Елизабета Божиноска, програмска директорка на ХЕРА.
Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителката на канцеларијата на УН ВОМЕН (UN Women) во Скопје, ја истакна важноста од темелното спроведување на Истанбулската конвенција и напорите што УН ВОМЕН ги прави во нашата земја. 

Активностите на ова тело на Обединетите Нации за родова еднаквост и зајакнување на жените се фокусираат на обезбедување поддршка за граѓанскиот сектор за да може да се исправи пред предизвиците што ги налагаат самата меѓународна конвенција како и обврската на државата да ја спроведе истата. Ова подразбира и обезбедување одржливост на ваков вид специјализирани советувалишта за кои потребата е повеќе од очигледна.

„Жените жртви на насилство треба да ја добијат помошта која им е итно неопходна, да знаат дека има каде да се обратат, да бидат заштитени и да добијат совет и поддршка. Затоа постоењето на вакви центри и обучен кадар е од суштинско значење. Во исто време работиме и на подигнување на свеста дека било која форма на насилство врз жените е неприфатливо кршење на човековите права, и не треба да се толерира. Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените во соработка со сите партнери продолжува да пружа поддршка за спроведување на Истанбулската конвенција“, изјава Весна Ивановиќ-Кастаред

Овие бесплатни специјализирани услуги се овозможени преку проектот „Обезбедување бесплатна правна помош и психосоцијална поддршка за најмалку 200 жени припаднички на малцинствата и ранливите групи.
„Потреба за вакви услуги постои, заради што е исклучително важно да се обезбеди нивната одржливост. Нашите услуги ги користат не само жени од Штип, туку и од околните места во регионот. Работиме и со лица со попреченост, при што спроведуваме посебен протокол за работа, како и со лица од локалните малцински заедници“,изјава Бети Пејева.

Во текот на оваа година, ХЕРА, преку неколку специјализирани обуки и со постојана менторска поддршка, работи на развивање на капацитетите на ЕХО, заради обезбедување висококвалитетни и стандардизирани услуги.
Едукативно-хуманитарната организација ЕХО - Штип повеќе од 20 години работи на обезбедување поддршка на жени и девојки жртви на родово засновано и семејно насилство, а од ноември минатата година успешно раководи и со ова специјализирано советувалиште.