Тренчевска: Северна Македонија е препознаена како лидер во регионот во воспоставување и имплементирање на социјални услуги за лица со попреченост

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска во Владата на Република Северна Македонија оствари средба со претставниците на Националниот сојуз на слепи лица, со цел да ги слушне нивните барања и воедно да се најде најсоодветното решение.

На средбата се разговараше за правата и услугите кои произлегуваат од системот на социјална заштита и кои се во насока на унапредување на квалитетот на живот на лицата со попреченост, вклучително и слепите лица како дел од ранливата категорија на граѓани во нашата држава.

Претставниците на Националниот сојуз на слепи во своите барања истакнаа раст на додатокот за попреченост и тој да биде 40% од просечната плата во државата, 30% од просечната плата за правото за туѓа нега, и помагала за слепите како системско решение.

Министерката Тренчевска се осврна на политиките и мерките кои оваа Влада ги креираше и имплементираше изминативе години. Како што се, растот на гарантираната минимална помош, намалување на возраста за лична асистенција од 18 на 6 години, измени во Законот за детска заштита со кои висината на посебниот додаток треба да се покачи за 15% и измени во Законот за социјална заштита каде се намалува возрасната граница на родителите кои се грижеле за своето дете со попреченост во својот дом до неговата 26 годишна возраст, како и правото за лична асистенција на лицата со комбинирана попреченост, измени кои се во собраниска процедура.

„Република Северна Македонија е лидер во регионот но и пошироко во воспоставување и имплементација на социјалните услуги на локално ниво, во заедницата, односно домот на граѓаните на кои поддршката им е неопходна за нивно функционирање. А со тоа и нивно поголемо вклучување во сите сфери на општественото живеење“, рече Тренчевска.

Таа информираше дека преку Проектот за подобрување на социјалните услуги кој го спроведува Министерството за труд и социјална политика досега само со првиот јавен повик за доделување на грантови се реализираа 22 проекти во 27 општини. Преку овие услуги опфатени се околу 700 корисници. Проектот опфаќа, помош и нега во домот, дневни центри за деца со попреченост, помош на стари лица во дневен центар и рехабилитација и регенерација на лица со попреченост во локалната средина со услуги за советување. Преку овие услуги опфатени се околу 700 корисници.

Дополнителен бенефит е што лицата кои се ангажирани за реализација на овие проекти се од социјално ранливи категории, кои претходно поминаа стручни обуки, односно досега се ангажирани 247 негувателки и стручни лица.

Во насока на одржливост, социјалните услуги финансирани од Проектот, ќе бидат преземени за финансирање во централниот Буџет. Одржливоста и развојот на услугите се обезбедува и преку вториот Јавен повик за доделување на грантови за развој на социјални услуги на локално ниво кој заврши неодамна и пристигнатите проекти се во процес на евалуација.

Министерката информираше и дека во подготовка е и Национална стратегија за права на лица со попреченост која ќе обезбеди овие наши сограѓани да ги остварат сопствените потенцијали и личен развој на еднаква основа со сите други граѓани и да ги развиваат своите компетенции согласно сопствениот избор. Во процесот на подготовка покрај надлежните институции, активен придонес имаат и родителските организации, граѓанскиот и меѓународниот сектор и заедниците на лицата со попреченост.

Од големо значење е и соработката со приватниот сектор, во насока на вработување на лицата со попреченост. Во фаза на подготовка е и нов Закон за вработување на инвалидни лица, со кој се уредуваат посебните услови за вработување и работење на лицата со инвалидност и кој ќе обезбеди поголема инклузивност на лицата со попреченост на пазарот на труд.

Министерката посочи дека во државава, отворени се 35 дневни центри за деца со попреченост кои ги посетуваат 400 деца со попреченост.

Во тек е изработка на дизајн за воспоставување на Регистар за деца и лица со попреченост кој треба да биде завршен до крајот на 2022 година.

Со интензивна соработка со Делегацијата на Европската Унија и надворешни консултанти во февруари 2022 година завршен е идејниот проект за темелна реконструкција на Заводот за рехабилитација на деца и млади Скопје, кој предвидува институцијата да прерасне во современ центар за рана идентификација и интервенција, со дневни центри, професионална рехабилитација и центар за одмена на семејната грижа.

Развојот на современите политики за децата со попреченост се видливи и преку воведувањето на Меѓународната класификација на функционирањето при проценката на децата со попреченост. Примената на Меѓународната класификација е отпочната, направени се  обемни измени на правната рамка (закони и подзаконски акти), процесот вклучува воспоставување на стручни тела – служби за функционална проценка и јакнење на нивните капацитети.

Во однос на зголемување на пристапноста и достапноста на предучилишното образование, министерката ги посочи измените на Законот за заштита на детето, со кои повеќе не постојат посебни групи за деца со попреченост, туку децата се вклучуваат во редовните воспитни групи.

Сите нови детски градинки се градат согласно стандарди кои вклучуваат инклузивност, а додека постојните се прилагодуваат, затоа што секое дете има право да биде дел од предучилишниот процес. Во таа насока се и трите нови сензорни игралишта во Кривогаштани, Крушево и Струмица, како и две нови сензорни соби во детски градинки.

Од септември 2022 година Министерството за труд и социјална политика во соработка со Националниот сојуз на глуви и наглуви започнува со обуки за вработените во предшколските установи за знаковен јазик. Овие обуки особено се наменети за вработените каде имаме згрижено деца со пречки во слухот.

Во контекст на спроведување на процесот на деинституционализација до сега, повеќе од 60% од Националната стратегија за деинституционализација е реализирана, како во делот на преселба на корисниците, во зајакнувањето на капацитети на стручните лица и во делот на обезбедување на координирана грижа на локално ниво.

Во завршна фаза се и преговори со Фондот за здравствено осигурување за ослободување од плаќање на партиципација за здравствени услуги на лица со попреченост.

Соговорниците изразија уверување дека дијалогот ќе продолжи затоа што во заеднички интерес е унапредување на квалитетот на живот на сите граѓани со акцент на ранливите граѓани.