Петровска по повод свеченоста „Златни значки за 30 години активна служба во Армијата“: Вие ја градевте, вие ја изградивте, вие бевте професионалците кои заедно со вашите колеги создадовте историја која ќе ја паметиме и иднина која ја посакуваме

Во рамки на одбележувањето на јубилејот „30 години Армија на Република Северна Македонија“, денеска во Касарната Илинден – Скопје се одржа свеченост на која беа доделени златни значки за 30 години активна служба за припадниците на Армијата.

На свеченоста присуствуваше и се обрати министерката за одбрана Славјанка Петровска која најнапред упати голема благодарност до сите припадници за нивната посветеност, за целиот труд и напорна работа во изградбата на Армијата, достојна за почит и со највисока доверба кај граѓаните.

„Кога велиме дека Армијата започнавме да ја градиме од самиот темел, мислиме на вас. Вие ја градевте, вие ја изградивте, вие бевте професионалците кои заедно со вашите колеги создадовте историја која ќе ја паметиме и иднина која ја посакуваме. Вашиот вложен труд и енергија вродија со големи резултати, вклучувајќи го и нашето историското членство во Алијансата. Сите вие, кои учествувавте во овие процеси со гордост може да кажете дека сте биле дел од овој успех. Вие знаете најдобро што значи да се биде дел на еден тим, на едно семејство кое си ја сака татковината и работи за неа – бескомпромисно и без задршка“, истакна Петровска.

Министерката Петровска упати порака до припадници на Армијата кои добија златна значка да продолжат да го споделуваат своето знаење со помладите колеги кои ќе продолжат да ја градат оваа институција, институција која е почитувана и посакувана.

„Сето она што го направивме досега покажува дека силно го вреднуваме вашиот придонес кон  одбраната и татковината и затоа денеска ми е и чест и задоволство што на секој од вас лично му ја доделив значката за 30-годишна служба во Армијата“, рече министерката Петровска.

На денешната свеченост министерката Петровска додели 281 златна значка на припадниците на армијата и тоа на 145 офицери, 69 подофицери и 67 цивилни лица. Златна значка му беше доделена и на началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски.