Ковачевски-Мишел: Историска е можноста да се каже да на Европската Унија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел по средбата и владината седница одржаа заедничка прес–конференција. Од страна на премиерот Ковачевски уште еднаш беа потврдени позициите на Владата во врска со европскиот предлог и посочи дека без чекање предлогот треба да се прифати како историска шанса за напредок на државата, затоа што е дојден моментот кога треба да се остави дневната политика и да се постапува државнички и одговорно. Претседателот на ЕС Мишел рече дека ЕУ ќе направи се да обезбеди гаранции да нема нови блокади во евроинтеграцискиот процес за Република Северна Македонија.

„Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат да живеат како дел од европското семејство, по европски стандарди делејќи ги европските вредности. Заслужуваат нивниот глас да биде чуен одвнатре, да биде еднаков со сите останати земји членки на Европската Унија. Да имаат збор во донесувањето на најважните одлучи кои ја засегаат Европа“, изјави Ковачевски.

Премиерот истакна дека европскиот предлог е прифатлив затоа што имаме дефинирани позиции за јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик и повтори дека македонскиот јазик, во предлогот е апсолутно чист и еднаков со другите јазици на Европската Унија без никакви фусноти, дообјаснувања и ѕвездички.

„Со изменетиот, прецизиран, дополнет француски предлог го добивме она за што со години се бориме, а тоа е чиста формулација на македонскиот јазик.

Исполнета е клучната позиција, државната, која беше најважна за нас и на која останавме доследни. Со овој предлог сите шпекулации кои алудираат на спротивното се лажни и невистинити.

Ние Македонците сме горди на својата историја, горди сме на својот јазик, горди сме на својот идентитет со сите негови аспекти. Македонскиот народ ниту некој успеал досега да го асимилира, ниту го асимилирал, ниту некогаш ќе се случи да го асимилира. И тоа е факт“, рече Ковачевски.

Премиерот истакна дека модифицираниот европски предлог, ги става и билатералните, историски прашања надвор од преговарачката рамка, и тие ќе бидат затворени на билатерално ниво достоинствено и праведно за двете страни.

„Ве уверувам дека и досега и отсега доследно се држиме до државните позиции во однос на преговорите со Бугарија во секој поглед, го штитиме националниот интерес и македонскиот национален идентитет“, рече Ковачевски посочувајќи дека ќе се задржат клучните црвени линии, кои со месеци ги повторувавме и за кои Собранието усвои консензуална Резолуција

Претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел истакна дека започнувањето на преговорите веднаш ќе донесе предности, тоа ќе биде и дел од нови иницијативи и програми кои што обично се отвораат за земјите членки, потенцирајќи дека Северна Македонија припаѓа во Европската Унија.
 
„Со овој предлог јасно дискутираме и за македонскиот јазик, македонскиот  јазик е ваш јазик, и предлогот го почитува тоа, законодавството на ЕУ целото ќе биде преведено на македонски јазик. Исто така свесни сме за загриженоста што ја изразија некои луѓе во врска со вашиот национален идентитет и може да сметате на мојата целосна поддршка претседател на Европскиот Совет дека систематски ќе стојам зад вашите легитимни права. Македонци, имате историска можност да кажете да, да на почетокот на преговорите, да на ЕУ, да за нашите деца, вашата земја има прилика уште еднаш да стане првак во проширувањето, тоа ќе внесе нова динамика, овие реформи ќе ве приближат до ЕУ, ќе донесат стабилност како и отпорност на вашиот народ, може да сметате на политичка и финансиска поддршка“,  рече претседателот на Европскиот Совет Мишел.