Маричиќ: На ниту еден начин не може да ни се наметне решение по било кое прашање од историјатa

„Нашата борба, од 2017-та досега, беше историјата да ја оставиме на теренот на историчарите, и токму тоа е и целта и на билатералниот Протокол меѓутоа и на целиот процес, историјата да се остави на историчарите каде што на паритетна основа со разумни аргументи, со научни аргументи и нормално во една разумна динамика ќе постигнат или нема да постигнат некаков договор во однос на одредени прашања“, изјави вицепремиерот Маричиќ на вечерашниот брифинг со уредниците.

Маричиќ објасни дека доколку историските прашања би биле репер или беа репер, тогаш тие би биле дел од процесот на „бенч маркинг“ или креирање на конкретни задачи и додаде дека нема основа, нема ниту правна, ниту политичка основа такво нешто да влијае формално како критериум за напредок во разговорите.

„Не постои основа во оваа преговарачка рамка изнаоѓање на решение за кој било историски лик да биде критериум за тоа дали можеме да одиме напред или не. Затоа постои преговарачката рамка која е основа на која се цени нашиот напредок. На ниту еден начин не може да ни се наметне решение, по кое било прашање од историјата", посочи вицепремиерот Маричиќ.

Во оваа насока Маричиќ рече дека Бугарија имала поразлична позиција во првичната рамковна позиција од оваа денес, а дека ние имавме проблем повеќе години како да се дојде до оваа точка на рационализација.

„Ние кога го почнавме овој процес рековме сакаме достоинствено решение, сакаме решение кое ќе се базира на балансиран компромис и решение кое ќе се втемели и заснова на Европските вредности. Сè она што го имаме во овој пакет ги исполнува овие услови",изјави Маричиќ.