Ковачевски: Владата повторно ќе ги заштити граѓаните на Скопје, нема да дозволиме да останат без парно греење

„Топлинската енергија во град Скопје, беше мој предизвик на првиот ден на 17-ти јануари оваа година како премиер, зашто? Затоа што вашата Влада и вашиот премиер на време дозволил системот за загревање во Скопје, односно компаниите да бидат продадени на компанија од Кипар со основачки влог од 5.000 евра на компанија од Кипар, којашто треба да снабдува со гас, а таа компанија во Кипар нема лиценца за снабдување со гас и затоа Владата мораше да го преземе управувањето со топлинскиот систем во градот Скопје. Тоа е надлежност на градот Скопје, меѓутоа градот Скопје тоне премолчано, а сега јавно кажа дека нема начин, односно нема знаење, ниту ќе има со тоа да управува. 

Компанијата којашто управува е приватна којашто е регистрирана во Кипар со 5.000 евра влог, а за тоа ќе мора да прашате која е таа компанија, кој ја избрал, како ја избрал, кај вас во партија. Затоа што во тоа време е дадена компанијата. Дали се тоа руски олигарси, дали не се руски олигарси, дали целиот систем го имаат заложено во банките во Луксембург..., ќе морате таму да прашате. 

Меѓутоа она што го направи оваа Влада е прво ќе ги врати лиценците, па ќе се направи повик за тие лиценци да бидат преземени од страна на државно управување и да се обезбеди топлинска енергија за градот Скопје исто како што во јануари и во текот на целата зима се обезбеди топлинска енергија. Не се работи само за топлинска енергија, се работи и за снабдување со електрична енергија. Бидејќи ако престане топлинската енергија во градот Скопје тогаш ќе има пад на енергетската мрежа со оглед на тоа дека Карпош, Аеродром и Центар се проектирани за греење на топлинска енергија“, рече премиерот Ковачевски на седницата за пратенички прашања во Собранието.