Средба Грковска – Леоск: Северна Македонија и Естонија ќе ја продлабочат добрата соработка, естонското искуство во делот на дигиталната трансформација е од големо значење

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска во Талин, Естонија имаше состанок со амбасадорката за дигитализација во естонското Министерство за надворешни прашања, Неле Леоск, со која разговараа за продлабочување на меѓусебната соработка, особено во делот на естонското искуство во процесот на дигитална трансформација на општеството.

На состанокот се разговараше за иницијативата што ја покрена вицепремиерката Грковска, која беше прифатена на владина седница одржана во мај, а  се однесува на потпишување на Меморандум за соработка меѓу Република Северна Македонија и Естонија, кој ќе овозможи интензивна соработка и комуникација на двете земји, во делот на дигиталната трансформација на општеството за што Естонија се лидери во светот.

Вицепремиерката Грковска се заблагодари за досегашната меѓусебна соработка, која, како што рече, за Северна Македонија е од голема помош. Таа потенцираше дека од клучно значење е во процесот на дигиталната трансформација да имаме систематски и организиран процес, кој ќе овозможи координиран пристап на сите институции и рационално користење на сите ресурси што ги имаме.

Амбасадорката Леоск нагласи дека Естонија е отворена да ги сподели сопствените искуства во делот на дигитализацијата, со оглед на тоа што, како што рече, потребите на земјите во овој дел се слични.

Двете соговорнички договорија на почетокот на наредниот месец да одржат заеднички онлајн состанок на кој подетално ќе се разговара за евентуална соработка со GovStack, заедничка иницијатива раководена од естонското Министерство за економска соработка и развој, GIZ, Сојузот за меѓународни комуникации и Алијансата за дигитално влијание, која меѓудругото има задача да им помогне на владите во другите земји да обезбедат брза и ефикасна дигитална трансформација на општеството.  

Во рамките на работната посета на Талин, Естонија, вицепремиерката Грковска го посети и НАТО центарот за кооперативна сајбер одбрана во Талин, кој им дава интердисциплинарна поддршка на земјите членки на НАТО, но и на други држави кои не се дел од НАТО сојузот, но можат да бидат дел од овој Центар. Во фокусот на овој центар не е воената поддршка, туку поддршка во делот на сајбер одбраната, тренинзи и вежби во областа на технологијата, стратегијата и законодавството. Овој центар обезбедува поддршка и за реалниот сектор кој има значајна улога во градењето на дигитално безбедно општество.  

Вицепремиерката Грковска утре ќе учествува на Форумот за дигитална безбедност на Западен Балкан, на кој ќе се разговара за сајбер безбедноста во регионот како и за најдобрите европски практики во областа. На Форумот ќе учествува и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, министерот за претприемништво и информациска технологија на Естонија, Андрес Сут, македонскиот министер за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, како повеќе експерти од областа од Западен Балкан и Европската Унија.