Првата група холандски туристи пристигна во Охрид

Првата група од 120 туристи од Холандија преку аранжманите на тур-операторот „Арке травел – ТУИ“ денеска со чартер лет пристигна во Охрид.

На аеродромот „Св.Апостол Павле“ во чест на првите гости и означувањето на стартот на годинешната летна туристичка сезона беше организиран и свечен дочек,  а гостите со погача, сол, но и торта и вино ги поздравија министерот за економија Ваљон Сарачини и амбасадорот на Кралството Холандија во Скопје, Мариет Схурман.

Посакувајќи им добредојде, министерот Сарачини на гостите им порача за време на нивниот престој тука колку што е можно повеќе да ја запознаат Македонија, нејзините убавини, а своите импресии да им ги пренесат на нивните пријатели кога ќе си заминат дома.

Сарачини во изјава за медиумите нагласи дека напорно ќе се работи оваа година да биде зголемен бројот странски туристи во Република Македонија. - Како министер за економија можам да кажам дека покрај намалувањето на ДДВ-то за туристичките услуги, подобрувањето на целокупната клима за подобар туризам, сега пристапивме кон нов правилник за категоризација на објектите што значително ќе ги подобри услугите што ги нудат хотелите. Исто така, како мерка за привликување туристи е и субвенционирањето на нискобуџетни авиокомпании, за што за наредните три години се издвоени 4,9 милиони евра, рече Сарачини пред медиумите.

Тој нагласи дека оваа сезона на охридскиот аеродром се очекува седмично да се реализираат девет летови со туристи. - Според договорите и информациите што ги имаме со туроператорите, само од земјите од Бенелукс очекуваме во Охрид дневно да престојуваат 700 туристи. Оваа година се планира само од Холандија да има над 14 илјади туристи, рече Сарачини заблагодарувајќи се на Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје за успешната промоција на Македонија како атрактивна туристичка дестинација.

Амбасадорот на Холандија Мариет Шурман потсети дека преку вакви чартер летови минатата година Македонија ја посетија 22 илјади гости од Холандија. - Убедени сме дека оваа година ќе има уште повеќе туристи што ќе дојдат од Холандија. Знам дека холандските туристи многу им се допаѓа Македонија и тоа од повеќе оправдани причини. Потврда на тоа е податокот дека некои од гостите кои минатата година допатуваа со првиот чартер тука, оваа година повторно ќе летуваат тука, рече Схурман.

Туристите од Бенелукс, пред се оние од Холандија кои беа најбројни гости во Охрид од западните земји во 80-те години на минатиот век, после три децении минатата година првпат повторно организирано летуваа во Македонија. Интересот на туристите за македонската туристичка понуда, нивните позитивни искуства, резултираа со зглолемување на бројот закупени легла од страна на туроператорите и зголемување на бројот чартер летови од Холандија за оваа 2012 година.