Ковачевски: Ревитализација на големите хидроелектрани за долгорочна стабилност на енергетскиот систем

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод 65 години од пуштањето во употреба на хидроелектраната Вруток. 

Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот.

„Ми претставува посебно задоволство што сум дел од овој настан со кој се одбележуваат 65 години од постоењето на Електрани на Северна Македонија.

Токму денеска се навршуваат 65 години од почетокот со работа и од пуштањето во функција на хидроелектричната централа Вруток, која заедно со хидроелектричните централи Врбен и Равен, ја претставуваат целината на хидросистемот Маврово.

Во 1957 година, кога започна работата на Вруток и кога се заокружи хидросистемот Маврово, се ставија во функција капацитети кои имаа улога да ја обезбедат енергетската независност на новосоздаденета македонска држава.

Генерациите што го изградија хидросистемот Маврово ги задолжија сите наредни да се грижат таа енергетска независност да ја одржуваме низ сите години што следуваа и што следуваат. Соодветно на развојот на општеството и на потребите од енергија и како одговор на сите енергетски кризи со кои се соочуваме.

Денес, со сеќавањето на тој голем потфат, тука сме за да соопштиме дека во севкупните напори за долгорочно безбеден и стабилен енергетски систем, започнува ревитализацијата на големите хидроелектрани во Република Северна Македонија во сопственост на АД ЕСМ.

Со овој голем проект ќе бидат опфатени хидроелектраните Вруток, Врбен, Равен, Тиквеш, Шпилје, Глобочица, Козјак и хидроелектраната Света Петка.

Инсталираната моќност на овие хидро изнесува околу 85% од вкупната инсталирана моќност во хидроелектраните во Република Северна Македонија. Тие учествуваат со просечно производство од 1.280 гигават часови, односно обезбедуваат 20% од вкупното производство на електрична енергија во Република Северна Македонија.

Освен во делот на производство на електрична енергија, овие хидроелектрани имаат значајно место во управувањето и стабилноста на целокупниот електроенергетски систем на Република Северна Македонија, регулацијата на напон и фреквенција, како и покривање на „дневните пикови“ во потрошувачката на електрична енергија.

Хидроенергијата, како еден од обновливите извори на енергија меѓу другите, е потребна за да се обезбеди доволно снабдување со електрична енергија за да се исполни растот на искористување на сопствените ресурси на земјата. Да ја обезбедиме секоја можност заради нестабилниот пазар на електрична енергија.

Освен обновата на машинскиот дел на овие капацитети, дополнителна придобивката од проектот е предвиденото зголемувањето на капацитетот на акумулацијата на Маврово што ќе обезбеди пораст на годишното производство на електрична енергија од околу 40 гигават часови.

Таквото зголемено производство на енергија од водата значи заштеда од 36,4 илјади тони CO2.

Затоа го стартуваме проектот за ревитализацијата на големите хидроелектрани. За да ја зајакнеме македонската енергетска стабилност и независност, преку континуирано производство на чиста, зелена енергија во земјата.

Ова е во согласност со политиките и практиките на Европската унија, како и во согласност со стратешките документи, односно со Оперативната програма на Владата на Република Северна Македонија за 2020 – 2024 година, во делот за енергетика.

Вкупното време за имплементација на проектот се очекува да е од 2022 до 2026 година.

Средствата за реализација на овој капитален проект во висина околу 29 милиони евра ќе бидат обезбедени од грантови и поволни кредити, како и од сопствените средства на Електрани на Северна Македонија.

На долгорочен план, енергетската криза нѐ мотивираше да ја забрзаме енергетската трансформација која ќе обезбеди енергетска независност.

Во време на криза, преземаме храбри чекори и инвестициски проекти кои го трансформираат енергетскиот систем и кои се насочени кон користење на обновливи извори на енергија и енергетска независност со огромни придобивки за граѓаните.

Новата фотонапонска електрана „Осломеј“ ќе произведува чиста, домашна енергија и ќе придонесе кон заштита на животната средина. Со оваа електрана освен што ќе ги снабдиме потребите на околу 2.800 домаќинства со електрична енергија, правиме и ре-култивација и оплеменување на 15 хектари површина.

Ова е прв проект со кој се заменува производството на електрична енергија од загадувачка технологија во чиста технологија и како таков е пример и за идните проекти за енергетска транзиција во земјите на Западен Балкан.

Република Северна Македонија ќе биде дел од проектот Терминал за течен природен гас во Александропули во Грција за складирање и гасификација на течниот природен гас, со капацитет од над 5,5 милијарди кубни метри.

Понатаму, Чебрен, монументалниот проект, за прв пат се наоѓа во втора фаза. Има девет понудувачи кои што се во тек на теренско разгледување на просторот, за рамноправно да учествуваат на тој тендер.

Сакам да нагласам дека пред нас се бројни предизвици, национални и регионални кога станува збор за приклучувањето кон глобалната енергетска транзиција.

Новите технологии во обновливите извори, енергетската ефикасност, гасификација, но тоа се неизбежни инвестициски процеси кои носат бенефит на долг рок“.