Грковска домаќин на конференцијата „Отворено за корупцијата во спортот“: Мораме отворено да зборуваме за аномалиите и предизвиците, ако сакаме да го вратиме спортот на вистинските патеки

Ревизија на моделот за примената на спортските ваучери, подготовка на етички кодекс за спортскиот сектор и политики за зајакнување на интегритетот, задолжителна транспарентност при носењето на одлуките во спортските клубови и федерации и отчетност при користење на јавните средства, се само дел од заклучоците на денешната конференција „Отворено за корупцијата во спортот и штетата што корупцијата ја нанесува на младите спортски таленти“, на која домаќин беше заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.

На конференцијата беше заклучено дека е потребно да се направи и сеопфатна анализа на законската регулатива во спортот, како и да се зајакне инспекцискиот надзор врз спортските организации, но и да се направи анализа на досегашните инспекциски наоди за да се детектираат слабостите и да се креираат политики за добро владеење. Да се разгледа можноста да се воведе спортски менаџер како професија, но и да се инсистира на доследно спроведување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска ја нагласи потребата во јавноста да се отвори прашањето за корупцијата во спортот, зашто досегашната пракса покажува дека спортските субјекти, пред сé спортските национални федерации, во најголем дел, не работат транспарентно и отчетно, а тоа негативно се одразува на легитимитетот и кредибилитетот на спортскиот дух. Ова е прашање што е актуелно во целиот свет, ОН го има поставено високо на агендата и ние како држава, нагласи Грковска, имаме обврска да работиме на подобрување на состојбите во спортот од аспект на корупцијата и нејзиното штетно влијание.

Дел од учесниците на конференцијата ја нагласија потребата од заштита на спортистите во делот на пријавување на корупција, по моделот на Законот за укажувачи.

На конференцијата воведни обраќања имаа амбасадорот на Република Романија во Северна Македонија Адела Моника Аксинте, амбасадорот на Кралството Шведска во Северна Македонија Кристин Форсгрен Бенгстон, како и Бил Вуд шеф на Канцеларијата на Обединетите Нации за борба против дрога и криминал (UNODC).

На панел сесиите учествуваа директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски, Иван Анастасовски професор на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, истакнати спортски работници, спортисти и спортски новинари, како и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Конференција беше организирана во соработка со Канцеларијата на ОН за борба против дрогата и криминалот (UNODC).