ЗЕЛС прослави 40-годишен јубилеј

 Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија - ЗЕЛС денеска одбележа 40 години од своето основање.

- Основната движечка сила на Заедницата, од самото нејзино основање, до ден денес, е потребата за заедничко и единствено дејствување на локалните власти. Заедницата претставува институционален глас на општините, без разлика на нивниот број и структура. Едногласноста и консензусот за прашања од локално значење останува непроменливо начело на работата на ЗЕЛС, без разлика на политичка, етничка и верска припадност, констатира претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје Коце Трајановски.

Тој додаде дека списокот на постигнати успеси во преговорите со централната власт е голем. Како најголем успех на ЗЕЛС, Трајановски го посочи донесувањето на Законот за градежно земјиште и додаде оти за општините значајни се Законот за постапување со бесправно изградени градби.

- Сакаме општини со европски стандарди, кои ќе бидат пример во регионот по ефикасност, ефективност, локален развој и транспарентно работење, потенцира Трајановски.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски рече дека од своето основање па до денес ЗЕЛС успешно учествува во застапување на потребите и реализација на интересите и целите на локалната самоуправа.

Тој потсети дека најмалку еднаш годишно се одржуваат состаноци со премиерот и со министрите во Владата, како и со претседателот на Собранието, на кои, како што рече, ЗЕЛС настапува со конкретни ставови и барања за општините, нуди конкретни решенија и иницијативи за повеќе отворени прашања.

Пешевски најави дека во соработка со општините се планира изградба на нови индустриски зони, отворање на туристички развојни зони и зелени економски зони кои ќе бидат сместени во помалку развиените општини.

- Верувам дека и во иднина оваа организација ќе работи во интерес на сите општини и ќе биде нивен вистински глас. Во иднина ЗЕЛС треба да има соработка со Владата и со сите други меѓународни организации, рече министерот за локална самоуправа Невзат Бејта.

Евроамбасадорот Аиво Орав ја потенцира важноста од постоењето на ЗЕЛС и додаде оти треба да се заштити непристрасноста во ЗЕЛС, како и нејзината финансиска и политичка независност.

 - ЗЕЛС е претставник на интересот на општините во земјата. ЗЕЛС постави одличен пример во различните фази на процесот на децентрализација, донесувајќи ги поголем број од одлуките со консензус. ЗЕЛС стои зад мотото „дијалог меѓу различните општини, помалите и поголемите“, рече Орав и додаде оти и во иднина ќе продолжат да го поддржуваат ЗЕЛС.

Амбасадорот на САД Пол Волерс и заклучи дека во своето 40-годишно постоење ЗЕЛС ги зголеми стандардите на живеење, ги надмина разликите во однос на политичката припадност или географската положба, а нивна цел беше економски развој и привлекување инвестиции.

Стефано Лазарото, амбасадор на Швајцарија во Македонија рече дека ЗЕЛС е клучен играч во поддршката на процесот на децентрализација во земјата и најави оти и во иднина ќе продолжат да ги поддржуваат.

Првпат ЗЕЛС им додели  признанија на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, на Џеват Адеми, актуелен претседател на Комисијата за локална самоуправа во Собранието на Република Македонија и на пратеникот Андреј Петров, за нивната голема поддршка на ЗЕЛС. Плакети за благодарност добија и евроамбасадорот Орав и амбасадорите Волерс и Лазарото.  

По повод 40-годишниот јубилеј, ЗЕЛС издаде и монографија „40 години во служба на општините“, која беше промовирана. Монографијата претставува 40-годишна меморија за развојот на заедницата, нејзините структурни реформи  во контекст на општествено-политичките промени на локалната власт.

Исто така беа доделени и награди за новинарите, чии текстови беа избрани како најдобри на конкурсот „Награда за новинари“ објавен по повод јубилејот на ЗЕЛС. 

Во Статутот на ЗЕЛС, 26 април е прогласен за Ден на ЗЕЛС и Ден на општините во Македонија. На 26 април во 1972 година се одржало основачко Собрание и била формирана Заедница на општини и градови на Македонија. Иницијатива покренале тогашните претседатели на собранија на општините Куманово, Кочани, Охрид, Скопје и Тетово. Претставници на околу 30 општини, во просториите на  ,„Салонот  19, 19“, лоциран во барака број 12, во Град Скопје го усвоиле Статутот на Заедницата, донеле стратегиски документи и одлуки за начинот на работа. За прв претседател на Заедницата бил избран тогашниот претседател на Собранието на Град Скопје, Драгољуб Ставрев. Било формирано Претседателство, Надзорен одбор, Одбор за комунален општински систем,  како и Одбор за  урбанизам и комунално–станбени прашања.