Ристовски: Пари за пензии има, тие и натаму ќе се исплаќаат во првата недела од месецот

Пари за пензии има, тие и натаму ќе се исплаќаат во текот на првата недела од месецот, а ќе се реализира и планираното покачување според програмата за работа на Владата, истакна денеска министерот за труд и социјална полтика Спиро Ристовски, кој присуствуваше на Извршниот одбор на Сојузот на Здружение на пензионери на Македонија.

Тој ги уверил претставниците на пензионерите дека Владата и натаму ќе ја продолжи соработката со нив, и оти ќе работи на унапредување на состојбите со остварување на нивните права.

- Од нас беа побарани гаранции дека пензиите ќе се исплаќаат редовно во првата недела од месецот, кои и ги добија.  Пари за пензии има и тие ќе прдолжат да се исплатуваат во првата недела од месецот. Сите наши ветувања за зголемувањето на пензиите се реални и тие ќе бидат зголемени согласно она што е планирано во програмата за работа на Владата, рече министерот Ристовски.

Претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионерите Драги Аргировски го дели ставот на министерот за добрата соработка со Владата, која како што рече, се обидуваат да ја унапредат и продлабочат, оти без тоа, залагањата и барањата на пензионерите не би можеле да се исполнат.

Од министерот за труд и социјална политика побарале да се посвети поголемо внимание на активностите што се предвидени во Стратегијата за стари лица, но и да се разгледа можност покажувањето на пензиите што било планирано за декември годинава да се направи по истекот на првите шест месеци.

- Ова го бараме заради тоа што многу се зголемени трошоците за живот иако сме свесни и имаме разбирање дека тоа ќе зависи од економската состојба во земјава, рече Аргировски.

Во насока на добрата соработка со претставниците на пензионерите, според директорот на Фондот за Пензиско и инвалидско осигурување на Македонија Беким Незири се и последните законски измени кои предвидуваат еден член на УО на Фондот да е од Сојузот на пензионери. На ваков начин, рече, тие ќе можат да партиципираат во генералната политика на Фондот и во подобрување на правата на пензионерите.