Во подготовка методологија за пресметување на цената за интегрирано управување со отпад

Разгледување на можностите за изготвување методологија за пресметување и одобрување на цената за интегрирано управување со отпад беше целта на денешната консултативна средба во ЕУ-инфо центарот со заинтересираните страни за таква методологија.

На состанокот кој се организираше во рамки на ИПА проектот, компонента еден: „Зајакнување на капацитети на централно и локално ниво за имплементација и спроведување на законодавството за управување со отпад“, се обратија и евроамбасадорот Аиво Орав и министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми.

- Ние, како институција која го уредува законодавството од областа на управување со отпад, веќе подолго време чувствувавме потреба од дефинирање на методологијата за пресметување и усвојување на цената за интегрирано управување со комуналниот отпад со кој ќе бидат регулирани овие аспекти на управувањето со отпадот, истакна министерот Адеми во воведното обраќање.

Тој изрази уверување дека преку широки консултации кои ќе следат ќе се усогласат интересите и потреби на сите засегнати страни и дека за кусо време ќе биде изработен квалитетен финален документ, што ќе биде прифатлив и применлив во праксата.