Попоски од Бан Ки-мун побара да се почитува Хашката пресуда

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски денеска во Њујорк се сретна со генералниот секретар на Обединетите Нации Бан Ки-мун, од кого побара да се заложи за почитување на одлуката на Судот кој работи под покровителството на ОН, која потврди дека блокирањето на членството на Македонија во НАТО е нелегално,  а со тоа и зголемување на кредибилитетот на институциите на оваа организација.

- Од наша страна беше нагласена важноста  што ја има пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг како институција на ОН. Заеднички се заложивме за афирмирање на кредибилитетот на институциите на ОН и секако во овој поглед и на пресудата на Меѓународниот суд на правдата. За системот на ОН е од исклучителна важност да се работи на зголемување предвидливоста во меѓународните односи. Во тој поглед блокадата што нам ни беше наметната во правец на остварување на членството во НАТО секако ја зголемува непредвидливоста во тие односи. Сите гестови и сите активности кои ќе ја зголемат предвидливоста и ќе ја зајакнат довербата помеѓу двете земји се добредојдени и треба да бидат поздравени, изјави за МИА министерот Попоски по средбата со Генералниот секретар на ОН.

Дополнителното афирмирање на правните аспекти и меѓународно правниот аспект на односите и преземените обврски, додаде шефот на македонската дипломатија, е уште повеќе знчајно во сегашните услови во кои, според проценките на сите позначајни актери, Република Грција не е во можност да посвети поголемо внимание и енергија на надминување на билатералниот спор кој ни е наметнат во поглед на името. Тие обврски, истакна Попоски, подразбираат и обврска од страна на Република Грција да не ги попречува напорите за членство на Република Македонија во меѓународни организации.

- Ги пренесовме и начите очекувања дека ваквиот пристап односно афирмирањето на значењето на пресудата од страна на Меѓународниот суд на правдата е нешто што ќе придонесе кон надминување на билатералниот спор и со сигурност ќе може да помогне во промовирање на мирот, стабилноста и просперитетот на нашиот регион, а и пошироко во Европа, рече македонскиот министер за надворешни работи.

Министерот Попоски во Њујорк имаше средба и со посредникот на ОН во спорот со името Метју Нимиц.

- Во рамки на редовната комуникација што ја имаме со посредникот на ОН во спорот со Република Грција ги разменивме нашите согледувања околу тековните предизвици. Секако дека е извесно оти тековната политичка агенда во Република Грција е фокусирана на други теми, претежно во економската сфера. Република Македонија има интерес тие предезвици да бидат надминати бидејќи се залагаме за постабилен и просперитетен регион, а во тој поглед и сметаме дека таков пристап од нашиот јужен сосед би бил основа за исчекор кон градење на позитивна клима, рече министерот за надворешни работи.

Тој, како што рече, и со медијаторот Нимиц, како и претходно со Бан Ки-мун го споделиле ставот дека меѓународно правните принципи се од исклучителна важност.

- Нивното почитување помага при зголемена предвидливост во нашите билатерални односи, а тоа е клуч за надминување на било кој билатерален проблем вклучително и нашиот кој веќе 20 години ги обременува односи со Република Грција. Сметаме дека после овој период е време да надвладее рационалниот пристап и дека не би требало во услови во кои има мала предвидливост во поглед на  приоритетите кои го окупираат целиот регион, а со кои се соочува и Република Грција, да опстојува една ситуација во која Република Македонија, надвор од она што е меѓународно прифатена правна рамка, е опструирана на патот на своите евроинтеграциски процеси. Мислам дека во еден таков контекст сите можат да добијат со афирмирање на кредибилитетот на институциите на ОН и со зголемување на важноста на еден пристап кој е фокусиран на заедничките придобивки, истакна министерот Попоски. 

Министерот за надворешни работи во Њујорк се сретне и со поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер, а на реномираниот Универзитет Колумбија имаше обраќање на тема „Евро-атлантската интеграција: кон безбедност и просперитет на Западниот Балкан“.

По престојот во Њујорк, шефот на македонската дипломатија ќе отпатува за Вашингтон, каде што се предвидени повеќе средби во Конгресот на САД,  како и со претставници на американската администрација и невладини институции од областа на надворешната политика.