Голем интерес за рудникот Тајмиште

Компании од Индија, Русија, Турција, Украина и една домашна се заинтересирани за рудникот Тајмиште, покажа јавниот повик, но условите за давање под концесија, како што најави денеска министерот за економија Ваљон Сарачини, најверојатно ќе се сменат.

- Покрај највисоко понудената цена како единствен начин за добивање на концесијата, ќе ставиме и предуслов - кој ќе изгради фабрика, ќе има можност да продолжи со втората фаза, доставување понуда. Практично ќе предвидиме дополнителен дел од тендерската документација со кој инвеститорот ќе се обврзе да изгради фабрика во Македонија и да вработи нови луѓе, а воедно и да ја преработува рудата, изјави Сарачини, одговорајќи на новинарско прашање по отворањето на Меѓународниот саем за туризам.

Во Тајмиште, додаде, има резерви за експлоатација на железо во следните 150 години.

- Тајмиште е само дел од нашиот амбициозен план за промовирање на македонските рудници. Посетите на странските земји покажаа дека потенцијалните инветситори се најзаинтересирани за истражување на минералните суровини, посебно рудниците. Тајмиште престана со работа во 90-тите години, а сега го рестартираме, рече министерот.

Во врска со тендерот за Вардарска долина каде се планира изградба на 12 хидроцентрали од кои две поголеми, се уште течат подготовките. Се изготвува предфизибилити студија која треба да прецизира што конкретно ќе се реализира зашто проектот е комплексен.

- Анализата може да покаже дека наместо 12, доволни ќе бидат четири или пет хидроцентрали кои ќе работат со поголем капацитет, а цената што сега се предвидува од 1,5 милијарди евра може значително да се намали до една милијарда или до 800 милиони евра. Сепак е сигурно дека ќе има капацитет до 330 мегавати и производството на електрична енергија да биде до 1.200 гигават часови годишно, нагласи Сарачини.

Според него, се уште не е официјално потврдена вчерашната информација дека во Иловица се најдени 700.000 тони бакар и 120 тони злато.

- Факт е дека постојат резерви на бакар, но треба да се потврди дека има и резерви на злато. Разговарав со претставници на компанијата „Еуромакс“ која подолго време работи на детални геолошки истражувања. Во наредните 10 дена очекувам уште една средба на која ќе ги достават конечните резултати. Потоа ќе се оди на одобрување дозвола за експлоатација на минералната суровина, процес што трае шест месеци до една година, рече Сарачини.

Анализите на нашите експерти и на „Еуромакс“ велат дека Иловица ќе биде оргомна инвестиција, најголем рудник од ваков тип во Југоисточна Европа што ќе значи отворање нов работни места и градење фабрики.