Кралев им ги врачи дипломите на најдобрите на Економскиот факултет во Прилеп

На Економскиот факултет во Прилеп денеска пригодно беа промовирани 150 дипломирани економисти и 27 магистри. Дипломите на магистрите и на најдобрите дипломирани им ги врачи министерот за образование и наука Панче Кралев.

Осуммина кои дипломираа со просечна оценка над 9 добија ваучер од по 5.000 денари, а двајца со највисок просек меѓу десетте најдобри (9.70) добија по 7.000 денари.

- Им честитам на новите економисти и магистри и со ова Министерството ја потврдува поддшката за Економскиот факултет во Прилеп. Веќе имаме и заедничка програма со САД, за магистратури на англиски јазик за кои Министерството обезбеди стипендии, изјави министерот Кралев.

Тој најави и нови, слични соработки со универзитети од Англија и од Америка за да им се отворат можности на студентите.

На Економскиот факултет во Прилеп, кој е најстар член на Битолскиот универзитет досега дипломирале 15.000 економисти. На универзитетот досега 140 стекнале звање доктор на науки.