Кралев: Нема укинување, туку мирување на некои студиски програми на Техничкиот факултет во Битола

Министерот за образование и наука Панче Кралев изјави дека на Техничкиот факултет во Битола нема укинување на студиски програми, туку една, во сообраќајниот отсек, е ставена во мирување. Одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Новаци, тој нагласи дека продолжува поддршката за техничките науки.

- Една студиска програма е ставена во мирување, а за една нова е одложен почетокот. Поддршката на техничките науки продолжува и во иднина. Не станува збор за укинување, туку за ставање во мирување. Во меѓувреме, добро би било академскиот кадар заедно со други засегнати субјекти да размислат и да им овозможат работни места на дипломираните. Мора да се внесуваат новитети, да се работи и да се има континуирана комуникација со бизнис-заедницата и јавниот сектор за да бидеме сигурни дека оние што ќе завршат високо обрзование полесно може да најдат работа, истакна Кралев.

Заедно со градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски, тој најави изградба на монтажни, т.н. модуларни училишта во некои населени места, како и отворање дисперзирани паралелки во Новаци од средното техничко училиште во Битола.

Министерот го повтори ставот дека со ребалансот на буџетот не се засегнати капиталните проекти во основното и во средното образование и дека нема да се наруши планот за изградба и реконструкција на училишта и за нови спортски сали. Потенцираше дека нема да има скратување ниту на буџетот на Битолскиот универзитет.