Во Парламентот семинар за родово буџетирање

Во Собранието на Република Македонија денеска се одржува семинар насловен „Парламентот: клучен актер во родовото буџетирање“ во организација на собраниската Комисија за еднакви можности меѓу мажите и жените, Министерството за труд и социјална политика и Клубот на пратенички.

Семинарот е сегмент од тригодишниот проект на ресорното Министерство во рамки на кој треба пратениците да се обучат за тоа што значи родово сензитивно буџетирање. За таа цел беа организирани две јавни расправи кои послужија како едукација за пратениците за да се запознаат со поимот.

Семинарот го отвори министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски кој во своето обраќање рече дека преку организацијата на настанот, МТСП и Владата континуирано продолжуваат да ја промовираат родовата рамноправност како составен дел на политиките и мерките кои се преземаат во насока на унапредување на човековите права.

- Убеден сум дека преку овој семинар ќе се дефинираат натамошните заеднички активности и мерки кои ќе претставуваат чекор напред во креирањето на ефективни алатки за унапредување на родовата рамноправност и родовото буџетирање. МТСП веќе неколку години континуирано работи на промовирање и внесување на родовото буџетирање како алатка за вклучување на родовата перспектива во политиките и буџетските процеси, нагласи Ристовски.

Министерот потенцираше дека Република Македонија е првата земја од регионот што направила родова анализа на централно ниво на политиките и програмите во секторот за социјална заштита, труд и финансии и што спровела истражување и серија обуки за родово буџетирање со претставници на централно и локално ниво.

- Родовото буџетирање претставува една од мерките со кои може да се обезбеди родова рамноправност и еднакви можности за сите граѓани. Станува збор за процес низ кој се преиспитуваат јавните буџети со цел да се оцени дали и колку придонесуваат за рамноправноста меѓу мажите и жените, како и да се предложат промени за придонесување родова рамноправност, истакна Ристовски, додавајќи дека пратениците треба да бидат родово сензитивни за да ги препознаат навидум родово неутралните политики.

Членот на Клубот на пратенички Силвана Бонева рече дека Македонија е пионер во оваа област, но состојбата во сферата родова рамноправност е далеку подобра од пред неколку години.

- Ако пред 6-7 години се боревме во Собранието за промена на закони и носење закони кои ќе го подобрат општествениот статус на жените, преку нивно помасовно учество во одлучувањето и воведувањето на глоби кои приодонесоа да имаме толку многу жени во Парламентот, денеска кога ситуацијата е далеку подобра не се ни сомневам дека и овој проект ќе биде успешен, додаде Бонева.