Отворен Меѓународниот саем за туризам

Туристички агенции и хотелиери од Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Бугарија, Турција од денеска до сабота во рамки на Меѓународниот саем за туризам во Скопје ќе ги претстават своите најнови, најатрактивни аранжмани. Хит годинава, велат, се повторно Турција и Грција, а новина во понудата е турски Кипар.

- Туризмот, како сегмент од економското живеење на секоја земја, претставува мост меѓу народите кој треба да го градиме, овозможувајќи директна врска меѓу културите и традициите. Ги разбива сите пречки, граници и визи, рече министерот за економија Ваљон Сарачини кој ја отвори саемската манифестација.

Македонија, нагласи, се повеќе се промовира како атрактивна туристичка дестинација но, истовремено, интензивно ја јакне соработката во оваа сфера со сите останати земји од регионот.

- Целта е Балканот да се трансформира во глобална туристичка дестинација која во сите сезони, одново и одново ќе ги дочекува туристите. Сличностите и разликите ќе бидат нашиот адут, причина повеќе да се посетат овие простори, да се ужива во нивната убавина, благодети, во природното и духовното богатство, истакна министерот.

Тој уште еднаш посочи дека владините политики даваат одлични резултати. Само во првите два месеца годинава, бројот на туристи е зголемен за 25 отсто.

- Лани и оваа година ги достигнуваме најдобрите резултати во туризмот за изминатата деценија. Вкупниот број туристи е зголемен за 10,5 отсто, додека ноќевањата бележат пораст од 7,6 проценти. Значително е и зголемувањето на странските гости од 25,1 отсто, како и на ноќевањата, за 35,1 процент. Девизниот прилив во 2011 година е зголемен за 25 отсто. Ако се задржи ваквиот тренд на пораст на севкупниот промет од туризмот, очекуваме за оваа година уште поголеми показатели, подвлече Сарачини.

Освен од регионот, гости на саемот се и претставници од земји-членки на Европската унија, како и од врвни светски манифестации и организации.

- Гостите од регионот се доказ повеќе за нашата заедничка цел, зајакната регионална соработка во сите економски аспкети за обезбедување одржлив развој и повисок животен стандард, а присуствоото на гостите од европското семејство претставува поддршка на патот кој го избравме и по кој решително се движиме, влезот во ЕУ, напомена Сарачини.

Земја-партнер на Меѓународниот саем за туризам е Бугарија која ќе ги претстави своите познати туристички региони за зимски и летен туризам, спа и велнес центри, културни вредности и природни убавини, националната храна и вино. Според бугарскиот заменик министер за економија, енергија и туризам Иво Маринов кој присустуваше на отворањето, Македонија е значаен туристички партнер на Бугарија. Земјата лани ја посетиле за 23,5 отсто повеќе македонски туристи.