Брет-Арифи: Да се интензивираат активностите за усвојување на препораките на ОБСЕ за изборното законодавство

Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја поздравува досегашната работа на Владата по препораките на ОБСЕ/ОДИХР кои се однесуваат на реформите на изборниот процес и очекува таа да се интензивира.

Ова го изјави шефот на Мисијата на ОБСЕ во Македонија амбасадорот Ралф Брет на заедничката прес-конференција во Владата со вицепремиерката Теута Арифи, по вториот состанок на Управувачкиот комитет за адресирање на препораките од Конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за предвремените парламентарни избори во 2011 година.

- Мисијата ги охрабрува работните групи да ја интензивираат својата работа и да бидат инклузивни во процесот. Ја поздравуваме заложбата на Владата во овој процес и подготвени сме во координација со ОБСЕ/ОДИХР да ја понудиме својата поддршка и експертско мислење, рече амбасадорот Брет.   

Вицепремиерката Арифи, пак, подвлече дека прашањето во однос на подобрување на легислативата и процесот на изборите е дел и од темите и задачите со кои се занимава и дијалогот на високо ниво со ЕУ.

- Констатиравме дека работните групи кои се формираа по првиот состанок на Управувачкиот комитет во рамки на Министерството за правда во делот на легислативата и во рамките на Државната изборна комисија во однос на прочистувањето на избирачкиот список дадоа извештај дека работат според утврдената динамика и цениме дека со уште поинтезивен приод и состаноци и на овој Комитет, но и на работните групи ќе успееме да ги заокружиме обврските кои би произлегле и кои би биле поврзани со првите избори кои следат, а тоа се локалните избори, рече Арифи.

На новинарско прашање дали на состанокот била разгледувана политизацијата на изборите, амбасадорот Брет рече дека ова е дел од процесот и прашање кое што ќе се разгледува во рамки на работната група за измена на изборното законодавство. Тој со став и за фиктивните гласачи.

- Во моментов не знам дали можеме да зборуваме за фиктивни гласачи. Она што сега треба да се направи е да се изготви преглед на податоците за лицата кои сеуште не извадиле нови биометриски лични карти, а потоа да се направи проверка врз основа на она што е меѓународно прифатено како методологија, рече амбасадорот Брет. 

Арифи информира дека од денеска започна да тече и оценската мисија на ЕК за поглавјата 23 и 24, која е петта по ред за овие поглавја. На денешната средба која ја имала со експертите кои ќе ја водат оваа мисија, од нивна страна, додаде било изразено задоволство од опсегот на институциите кои ќе ги посетат.

- Нивниот извештај е значаен во однос на идниот извештај на ЕУ. Мислам дека има што да покажеме во однос на постигнатото и тоа ќе биде уште еден поттик да работиме повеќе откако ќе ги добиеме резултатите од мисијата, рече Арифи.

Најави дека оперативниот патоказ е во финална фаза и очекува откако поминал на комисиите, утре да биде усвоен и на владина седница.