Средба на министерот Ристовски со претставници на Светската федерација на синдикати за шумарство

Македонија да ја искористи меѓународната поддршка што ја има за формирање нови одржливи работни места во областа на градежништвото, но и преку проектите за зелена работа, порача генералниот секретар на Светската федерација на синдикати за шумарство и градежна индустрија (BWI) Амберт Јусон, кој денеска имаше средба со министерот за труд и социјална работа Спиро Ристовски и претседателот на ССМ Живко Митревски. 

- Јас сум задоволен што имав можност да чујам за позитивниот развој на социјалниот дијалог како и за многубројните и успешни активности на Економско социјалниот совет. Мислам дека врвен приоритет на социјалната агенда треба да биде креирањето на нови одржливи работни места и можните начини како тоа да се направи. Владата треба да се ангажира за креирање на зелени работни места, во кои шумарството има големо место. Исто така треба да се размисли и за нови места во градежништвото. Изградбата на коридорите 8 и 10 можат да генериираат многу нови места.За тоа е потребна соработка на повеќето кои се вклучени во нив, рече Јусон.

Според него, за Македонија е од исклучителна важност, како што рече, да продолжи со позитивниот социјален дијалог и да не го следи трендот што во моментов се случува во Европа каде со новите мерки на ЕУ сите трудови стандарди се намалуваат на сосема основни условни права.

- Во процесот на дискусии ја добивме практично поддршката која нам ни е од исклучително значење на меѓународно ниво од сите структури, вклучително и од синдикатите во процесот на создавање односно одржување одржливи работни места, кои како процес се многу важни особено во услови на економска криза. Поддршката која тие ја имаат како сериозни партнери во процесот на социјалното делиување на ниво на ЕУ Македонија ќе ја очекува и во наредната фаза особено затоа што е исклучителна нивната соработка и комуникација со Светска банка и со Европската банка за поддршка и развој. Ние како министерство, влада, заедно со нашите социјални пратнери - синдикатите функционираме поуспешно кога имаме сериозни партнери во ЕУ и во делот на синдикалното организирање, рече министерот Ристовски.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Мкаедонија ССМ вели дека многу е значаен поттикот оваа конфедерација во делот на обезбедување нови работни места односно можностите кои се нудат преку проектите за обезбедување на таканаречена зелена работа.

Тоа, рече, преставува еден потенцијал кој во Македонија сите релевантни субјекти ќе имаат можност да го искористат се со цел за унапредување на сеопштата борба за отворање нови работни места и намалување на невработеноста.

Теми на разговор на денешната средба биле и колективното договарање и примената на конвенциите на Меѓународната организација на трудот.

Генералниот секретар на BWI ќе присуствува на Вториот конгрес на Синдикатот на работниците од шумарството, дрвната индустрија и енергетика што ќе се одржи утре во Охрид.