Ковачевски: Прославата на Националниот ден на Србите е сведоштво за заедништвото во нашата земја што го градиме низ вековите

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва се обрати на свечената академија по повод националниот ден на Србите во Република Северна Македонија.

На свеченоста на која присуствуваа министерот за надворешни работи на Република Србија, Никола Селаковиќ, претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ, претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија и пратеник во Собранието на Северна Македонија, господин Иван Стоиљковиќ, пратеникот во Собранието на Северна Македонија, Мирослав Јовановиќ, министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, и претседателката на Националниот совет на Србите во Северна Македонија и претседателка на организациониот одбор за одбележување на националниот ден на Србите во Република Северна Македонија, госпоѓа Гордана Јовиќ Стојковска, претседателот на Владата на Северна Македонија Ковачевски им го честиташе празникот Национален ден на Србите во нашата земја кој секогаш се слави на денот на една од најсветлите и најсветите личности во историјата на српскиот народ – Свети Сава.

Во продолжение на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Ковачевски во целост:

„Ми претставува особена чест што имам можност од оваа свечена академија да го честитам Националниот ден на Србите во нашата земја.

Овој ден е посветен на една од најсветлите и најсветите личности во историјата на српскиот народ – Свети Сава.

Најсрдечни честитки по повод празникот им упатувам и на нашите ценети гости од Република Србија и Република Српска и на граѓаните што тие ги претставуваат.  

Свети Сава е втемелувач на самостојната српска православна црква и нејзин прв архиепископ. Тој е просветител, основач на училишта и болници, дипломат, пишувач на првите закони во државата српска. Свети Сава е посредник и помирител меѓу раскараните браќа и народи.

Неговите лик и дело инспирираат и осум века после неговата смрт.

Неговата саможртва да се откаже од земските блага и да го прифати православното христијанство како негов личен живот, направија Свети Сава да им припаѓа на сите Христијани, без разлика на тоа во кои државни граници живеат.

Затоа кога велиме дека неговото дело инспирира, пред нас ја имаме и нашата определба. Определбата на граѓаните на Република Северна Македонија, да градиме и негуваме општество еднакво за сите.
Граѓанско, едно општество за сите, во кое ги афирмираме и воспоставуваме меѓусебната почит меѓу сите етнички заедници во нашата земја.

Признавањето на етничките, националните, верските и културните разлики е посебноста и суштината на нашето заедништво.

Во тоа наше заедништво што го градиме низ вековите и што го негуваме денеска, свој значаен придонес има и српската заедница во Северна Македонија.

Многу е значајно што тој придонес се прави по углед на големиот светител Свети Сава.

Од неговата посветеност и подвиг, се родиле и неговите бележити и вековити остварувања во државничките и правните работи, во дипломатијата. Неговото наследство во образованието и во медицината.

Бесмртно е делото на духовникот и светителот Свети Сава. Тој е темелот на кој се издига традицијата, културата и вредностите на српскиот народ кој го прифати и слави како духовен родител.

Уште еднаш најсрдечно упатувам честитки по повод националниот ден на Србите во Република Северна Македонија.

Нека бидат вечни името и славата на Свети Сава, под чие духовно покровителство се одбележува денешниот ден.“