Од 92-та седница на Владата: На добитникот на сребрениот медал во теквондо на Олимписките игри и на неговиот тренер ќе им биде доделена парична награда во вкупен износ од 2,4 милиони денари; Во Кривичниот законик се воведуваа кривичното дело „демнење“

Владата на Република Северна Македонија на редовната 92-ра седница донесе одлука на нашиот претставник на Олимписките игри во Токио кој се закити со сребрен медал во дисциплината теквондо Дејан Георгиевски да му биде доделена парична награда во висина од 1.200.000,00 денари, а на неговиот тренер Дарко Костовски да му бидат доделени 600.000,00 денари.

Освојувачот на сребрениот медал во теквондо на ЛОИ Токио 2020 ќе биде награден и со дополнителни 600.000,00 денари од страна на Агенцијата за млади и спорт.

На оваа своја седница Владата го утврди текстот на Предлог-законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела, како и измените и дополнувањата на Законот за заштита на физичките лица во врска со обработката на личните податоци заради цели на спречување, истрага, откривање или гонење на кривични дела или за извршување на кривични санкции, на Законот за Академија на судии и обвинители, Законот за парнична постапка, на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, како и Кривичниот законик.

Со измените и дополнувањата во Кривичниот законик, меѓу другото, се предлагаат членови со кои во иднина нападот врз новинар, снимател или фоторепортер ќе се третира исто како напад врз службено лице.

Со другите измени што се предлагаат како дополнувања на Кривичниот законик се предвидува ново кривично дело „демнење“ за да се обезбеди заштита на жените од сексуално и секакво друго вознемирување преку каналите за комуникација вклучувајќи и преку интернет.

Со предложените измени на Законот за граѓанска одговорност е предвидено значително намалување на сумата којашто ќе ја плаќаат новинарите за изгубен спор за клевета или навреда од сега предвидените 2000 евра на максимални 400 евра.

Владата го утврди и текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини со кој се воведуваат повеќе новини како што е овозможувањето и општините да поднесат барање за добивање на концесија за експлоатација за потребите за изградба на општински пат.

Дополнително со новите предложени измени се уредуваат причините за едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација од страна на концедентот доколку се утврди битна повреда на одредбите од договорот или на законите и прописите што се применуваат на договорот, во случај кога вршењето на експлоатацијата го нарушува јавниот интерес и кога концесионерот врши експлоатација надвор од просторот на кој е доделена концесијата со договорот за концесија.

Владата го разгледа и го усвои текстот на Меморандум за соработка помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска за спроведување на Проектот „Воспоставување на единица за координација на инфраструктурни проекти“.

Проектот има за цел да придонесе во напорите на Владата на Северна Македонија да ги зајакне ефектите на инвестициите во јавната инфраструктура врз економскиот раст, создавањето работни места, зачувувањето на животната средина и квалитетот на животот. Активностите на проектот ќе резултираат со зајакнат институционален капацитет на Владата на Северна Македонија за управување со јавна инфраструктура од големи размери преку поддршка на воспоставување и капацитетирање на Единица за координација на инфраструктурата (ЕКИ) на централно ниво.

На оваа 92 седница, Владата донесе одлука за основање на Јавна установа за управување и заштита на Националниот парк Шар Планина.

Со донесувањето на оваа Одлука за основање на Јавна Установа за управување и заштита на Националниот парк Шар Планина ќе се воспостави режим на заштита на Националниот парк Шар Планина и ќе се преземат мерки за заштита на утврдените зони во националниот парк.

Во пресрет на почетокот на новата учебна и академска година Владата ги усвои Протоколот за постапување при сместување на ученици во Јавните ученички домови во учебната 2021/2022 година, и Протоколот за постапување на државните студентски домови и други објекти за сместување во академската 2021/2022 година.