Ставрески: Македонија трет топ реформатор во светот во Извештајот на Светска банка за водење бизнис

Република Македонија е трет топ реформатор во светот оваа година, според Извештајот на Светска банка „Дуинг бизнис 2012“, по Мароко и Молдавија. Во Извештајот, објавен денеска, таа се искачи за 12 места од 34 на 22 место. Таа  е лидер во Западен Балкан и подобра е од 19 земји членки во ЕУ.

- Годинашниот извештај кажува дека Македонија оди напред. Тој кажува дека Македонија продолжува со успеси. Македонија е трет топ реформатор во светот според најреноминарниот Извештај за мерење на бизнис климата за 2012 година, во кој направи извонреден скок од цели 72 места во однос на 2006 година, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната презентација на Извештајот во Владата на Република Македонија.

Тој додаде дека Македонија бележи континуиран напредок во сите индикатори и оти тоа е резултат на макотрпни реформи, мерки и активности што се спроведени во сите области во овие пет-шест години.

Во Извештајот, како што истакна министерот, Македонија е убедливо најдобра во регионот, но и подобро рангирана од 19 членки на ЕУ. - Македонија сега е на скалата на ранг листата на Светската банка за водење бизнис пред Естонија, Литванија, Белгија, Франција, Португалија, Холандија, Австрија, Словенија, Шпанија, Луксембург.... и пред Грција. Македонија повторно е убедливо најдобра во регионот. Убедливо сме најдобри според условите за водење бизнис. Нашето 22. место е подобро од првиот конкурент во регионот - Словенија која е на 37. место, од Црна Гора која е на 56., Бугарија на 59., Турција на 71., Романија на 72. Мислам дека бројките зборуваат повеќе од што било што можам јас да кажам, изјави министерот Ставрески.

Тој смета дека значајно е тоа што Македонија оваа година бележи нов напредок во однос на напредокот кој веќе е постигнат во претходните пет години. - Многу е потешко, додаде, да оствариш скок од 12 места, колку што ние остваривме на вкупната ранг листа, од позиција кога си веќе меѓу најдобрите или подобрите.

- Извештајот ќе претставува мотивација за сите да продолжат со работа во насока на идентификување на областите каде можеме да одиме уште понапред, каде можеме со дополнителни реформи да ги подобриме условите  за бизнис, истакна министерот за финансии.

Директорката на Канцеларијата на Светската банка во Македонија Лилиа Бурунчук истакна дека Македонија има постигнато најголем напредок и оти заедно со Латвија се двете економии кои постигнаа најмногу и се во првите 30.

Ова, според неа, придонесува за подобрување на бизнисот и создавање нови работни места.

Таа посочи дека реформите за водење бизнис се дел од една посеопфатна агенда за конкурентност. - Потребно е време за да се почувствуваат промените од реформите во економијата, меѓутоа во Македонија се гледаат овие промени кои се рефлектираат во неодамнешното зголемување на економската активност и зголеменото ниво на странски инвестиции. За посилен пораст се потребни посеопфатни реформи. Овој извештај покажува дека земјата има капацитет да спроведува реформи преку политичка желба, желба за промени и координација со учесниците. Светска банка веќе работи со Владата за оваа посеопфатна агенда, истакна Бурунчук.

Таа рече дека во Извештајот за оваа година е вклучена и студија за Македонија.  - Македонија е меѓу економиите кои имаат направено најголем чекор во подобрувањето на прописите и создавањето поповолни услови за водење бизнис во последните шест години. Македонија е третата земја најдобро ориентирана во Источна Европа и Централна Азија, рече Бурунчук. 

Република Македонија направи прогрес во четири дејности - добивање градежни дозволи, добивање кредит (кредитни информации), решавање стечајни постапки и регистрирање имот. - Го олесни добивањето градежни дозволи преку префрлање на процесот на надзор врз приватниот сектор и со рационализирање на постапките. Го олесни регистрирањето на имотот преку намалување на нотарските надоместоци и спроведување временски ограничувања утврдени со Законот за катастар на недвижности. Основањето на приватното кредитно биро го подобри информацискиот систем за кредитите. Со законодавството се подобри транспарентноста на стечајните постапки,  се наведува во Извештајот за Македонија.

Во делот за добивање градежни дозволи Македонија има напредок од 86 места. Намалени се бројот на процедури од 20 на 10 и времето за добивање градежни дозволи скратено од 139 на 117 дена.

Кај решавањето на стечјани постапки имаме напредок од 116 на 55 место. Намалено е времетраењето на стечајната постапка од три на две години, а трошоците се намалени од 28 на 10 проценти од вкупната вредност на имотот на компанијата.

Македонија кај индикаторот пристап до кредити има напредок од 21 места, односно од 45 на 24 место, а придонес има воспоставувањето и почетокот со работа на приватното Кредитно биро и зголемувањето на достапноста и опсегот на кредитни информации.

За регистрирањето имот имаме напредок од 18 места. Во оваа област бројот на постапки е намален од 5 на 4, времето за регистрација е намалено од 58 на 40 дена и трошоците за регистрација се намалени од 3,2 проценти на 3,1 процент од вредноста на имотот.

Напредок има и на индикаторот - спроведување на договори каде сме рангирани од 65 на 60. место. 

Македонија, заедно со Мароко, Молдавија, Сао Томе и Принципе, Летонија, Зеленортските Острови, Сиера Леоне, Бурунди, Соломонските Острови, Република Кореа, Ерменија и Колумбија се 12-те економии кои постигнале најголемо подобрување за олеснување водење бизнис во повеќе области на регулативата мерени со Извештајот на Светска банка.

Во Извештајот во општата леснотија за водење бизнис води Сингапур, следен од Хонг Конг, Нов Зеланд, САД и Данска.

Извештајот ги анализира регулативите кои се однесуваат на бизнисите во економијата за време на нивниот животен циклус, вклучувајќи ги почнувањето и работењето, прекуграничната трговија, плаќањето даноци и разрешувањето на инсолвентноста. Опфатени се 183 економии за кој оценува дека продолжиле да спроведуваат реформи со кои се подобрува способноста на локалните фирми да водат бизнис, а транспарентноста и пристапот до информации да играат клучна улога во реформите.

Глобалниот извештај покажува дека владите во 125 од 183 мерени економии спровеле вкупно 245 реформи на деловната регулација - 13 проценти повеќе од лани.

Категорија: