Ставрески: Ефективни нови 50 милиони евра за малите и средни претпријатија од ЕИБ

Кредитната линија од 50 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ) намената за финансирање на проекти за средните и малите претпријатија стана ефективна со денешното потпишување на договорите за гаранција на заемот.

Средствата ќе бидат дистрибуирани од Македонската банка за поддршка на развојот преку комерцијалните банки со поволни услови. Каматната стапка ќе изнесува 5,5 проценти, а ќе бидат одобрувани два вида на кредити - инвестициски кредити за трајни обртни средства. Висината на инвестициските кредити ќе се движи од 10.000 до три и пол милиони евра со рок на отплата до осум години и грејс период од две години. Кредитите за трајни обртни средства ќе бидат од пет илјади до 670 илјади евра, со рок на враќање до три години и грејс период од шест месеци.

Средствата ќе се одобруваат преку деветте банки кои беа вклучени во првата транша од 100 милиони евра, но побарано е согласност од ЕИБ да бидат вклучени уште три банки за полесна достапност до крајните корисници.  

- Со ова Владата ги исполни ветувањето дека ќе го реализира овој проект кој е еден од најзначајните во насока на поддршка на македонското стопанство со свежи финансиски средства добиени по извонредни услови. Користењето на овие 50 милиони евра е значајна во денешни услови кога во Европа кризата зазема се поголеми размери и кога е извесно дека банкарскиот сектор и во Европа и во нашата земја се соочува со дополнителни ризици заради кои евидетно е дека пристапот до финансиски средства станува се поотежнат. Затоа навреме ги почнавме подготовките да обезбедиме нови финансиски средства за македонските фирми и успеавме да ги завршиме сите подготвителни активности, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната прес-конференција во Министерството за финансии.

Тој најави нови 100 милиони евра од ЕИБ кога ќе бидат искористени 70 проценти од оваа транша од 50 милиони евра. - Ќе направиме се за да нема простор меѓу двете транши, односно да може веднаш по искористувањето на оваа транша да се ефектуира следната транша од 100 милиони евра која најверојатно во првиот квартал од следната година би станала ефективна, рече Ставрески.

Тој очекува дека сега одобрените 50 милиони евра ќе бидат многу брзо искористени од македонските компании. 

Стопанските комори во државата се задоволни и изразија подготвеност за искористување на овие средства.

Кредитната линија од 50 милиони евра се надоврзува на претходно реализираниот проект од 100 милиони евра финансиска поддршка за малите и средните претпријатија со кој се финансираа над 300 проекти и се отворија над 2.000 работни места.


 

Категорија: