Средба на премиерот Никола Груевски со Емирот на Државата Катар Хамад бин Калифа ал Тани


Во Владата на Република Македонија денеска се одржа билатерална средба на делегации на Владата на Република Македонија и Државата Катар, предводени од претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски и Емирот на Државата Катар, Неговото Височество Шеик Хамад бин Калифа ал Тани.


Претседателот на Владата г-дин Груевски изрази големо задоволство од остварувањето на посетата на Емирот на Република Македонија, што претставува прва посета на шеф на арапска држава на нашата земја, со уверување дека посетата значително ќе придонесе за натамошно унапредување на политичкиот дијалог со Катар и посебно за остварување лична размена на мислења по сите прашања од заеднички интерес на билатерален и мултилатерален план и унапредувањето на пријателските односи меѓу двете земји.


На средбата беше истакнато дека билатералните односи меѓу Република Македонија и Државата Катар ги карактеризира висок степен на пријателство и меѓусебно разбирање, но секако постои голем потенцијал за натамошно унапредување и продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, а особено во економската сфера.


Во таа насока, претседателот на Владата г-дин Груевски изрази очекување дека оваа посета ќе даде посебен импулс, пред се на економските односи и соработката меѓу двете држави и разгледување на можноста за реализација на конкретните проекти за инвестирање во Република Македонија, при што беа презентирани конкретни можности за инвестициски проекти во областа на патната инфраструктура, изградба на станбени и деловни капацитети, хотелски комплекси, енергетика, авиосообраќај, земјоделство и банкарски сектор.


Притоа, претседателот Груевски истакна дека во функција на унапредувањето на економската соработка е особено значајно тоа што за време на посетата се потпиша Договорот за поттикнување и заемна заштита на инвестиции, а воедно се потпишаа и повеќе билатерални договори од областа на културата, образованието, здравството, туризмот, размената на информации, олеснување на визниот режим, регулирањето на вработување на работна сила во државата Катар, односите помеѓу стопанските комори во двете земји, што пак ќе придонесе за заокружување на правната рамка и понатамошно развивање на соработката во овие области.


Од страна на Емирот на Катар беше изразена нивната заинтересираност за реализација на инвестициски проекти во Република Македонија во повеќе области, со особен интерес за енергетскиот сектор, банкарството, земјоделството и инфраструктурата.


Двајцата соговорници се договорија да се формираат заеднички тимови кои ќе работат на спроведување на конкретни активности за операционализација на инвестициските проекти.

Категорија: