Отворен откупно-дистрибутивниот центар „АГРОФРУКТИС“, ивестиција вредна 20 милиони евра


Хрватската компанија „Агрокор“ денеска во Струмица го отвори откупно-дистрибутивниот центар за овошје и зеленчук „Агрофруктус“, гринфилд инвестиција вредна 20 милиони евра. Капацитетот на објектот е околу 60.000 тони со тенденција многу скоро да се зголеми до 100.000 тони.


- Вредноста на инвестицијата е многу значајна, но уште поважно е што таа ќе донесе во иднина, сигурен откуп и пласман, поголеми приноси и приходи, поголема конкурентност, рече премиерот Никола Груевски во поздравното обраќање пред отворањето на „Агрофруктус“.


Овој откупно-дистрибутивен центар, напомена Груевски, е нов почеток за македонското земјоделство особено во однос на пласманот и ќе биде репер од аспект на стандардите за сите идни потенцијални инвеститори.


- Во времето во кое живееме пласманот го реализира приватниот сектор. Оттука и задача на Република Македонија е да привлече инвеститори кои ќе изградат повеќе вакви центри, истакна премиерот.


Тој потсети дека Владата и досега направи чекори за да им помогне на земјоделците. Освен што работи на обезбедување пласман, драстично ги зголеми субвенциите и интензивно врши распределба на земјоделското земјиште.


„Агрофруктус“ е само почеток на вложувањата што ги планира „Агрокор“ во земјава. Како што најави Ивица Тодоровиќ, претседател на Управата на компанијата, планирана е изградба на уште еден ваков објект веднаш до „Агрофруктус“ за што е веќе откупено земјиштето, но слични центри, покрај во Струмичко, ќе се градат и во други региони низ државата. 


- Овој капацитет што го има Македонија во однос на квалитетот и еколошките услови мора да се искористи и да се стави во функција. Само така ќе ја зголемиме конкуренцијата на производството, а тоа ќе значи и подобар животен стандард за граѓаните, нагласи Тодориќ.


Заблагодарувајќи и на македонската Влада за поддршката, Тодориќ потенцира дека премиерот Груевски не дозволил воопшто да се губи време околу реализирањето на инвестицијата.


- „Агрокор“ по години присуство во Македонија конечно, со поддршка на владата и локалната заедница, ги стартува гринфилд инвестициите. Денеска отвораме нешто што не е битно само за нас, туку многу и е потребно и на државата, рече Тодориќ.


Според него, најголемите светски инвеститори се подготвени да дојдат тука, а тоа како што рече е одлична вест вест за Македонија.


Досега компанијата од струмичкиот регион откупувала и извезувала околу 30.000 тони овошје и зеленчук, а од Валандовско околу 10 милиони литри вино.


На отворањето на „Агрофруктус“ во Струмица присуствуваа и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министрите за транспорт и врски и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Миле Јанакиески и Љупчо Димовски, заменик-министерот за земјоделство Зоран Коњановски и претставници на локалната самоуправа и пратеници.


Владиниот тим предводен од Груевски попладнево во Валандово ќе пушти во употреба ново фудбалско игралиште, а во Нов Дојран игралиште за тенис.

Категорија: